Search

Убиец на печалбари и ограбувач на манастир е осуденикот кој не успеа да избега од „Идризово“

Албанецот Арјан Диши (44) од Пешкопеја е осуденикот на доживотен затвор, кој вчера имаше неуспешен обид за бегство од затворот во „Идризово“. Како што е познато, тој во текот на ноќта успеал да ги пресече решетките од прозорецот на третиот кат на затворот, по што се качил на покривот. Тој се надевал дека од таму ќе успее да се симне и да избега, но не успеал. Чуварите, откако утрото во 7 часот забележале дека не е во ќелијата, по час и половина го нашле на покривот.

Диши е во „Идризово“ од март 2017 година, каде издржува доживотна казна затвор за убиството на сопружниците Иса (69) и Селиме (69) Имери од кичевското село Србица, а речиси три години претходно ги помина во притвор.

Сопружниците беа убиени на спиење и ограбени на 2 септември 2012 година во својата куќа во кичевското село. Во доцните ноќни часови тој упаднал во домот на 70 годишните печалбари од САД, г и врзал со алиштата кои му дошле при рака и ги измачувал додека не признале каде се парите и златото. Сопружниците починале, а тој побегнал со пленот вреден 12 илјади долари и семејниот златен накит.

Полицијата немаше траги, но претпоставуваше дела станува збор за Албанци надничари кои доаѓаат во Полошко за работа. Сепак, две години подоцна, Диши ѝ падна во раце на полицијата.

На 11 декември 2014 година, Албанецот од манастирот „Св.Богородица Пречиста“ во близина на Кичево украде три сребрени крста кои датираат од 1800 година, еден манастирски печат и едно резбано сребрено ковчеже со мошти од св. Параскева. Тој провалил внатре околу два часот утрото откако го скршил цилиндарот од металната решеткаста врата и потоа насилно ја отворил и дрвената врата за влез во олтарот. Оттука ги одзел трите крста, манастирскиот печат, резбаното сребрено ковчеже. Диши околу 3 часот бил приведен во близина на селото Брждани, на регионалниот пат Кичево-Битола каде се обидел да избега со својот автомобил „голф“ со албански национални ознаки.

По приведувањето, направените анализи потврдиле дека неговиот ДНK-профил во целост се поклопува со трагите пронајдени во домот на сопружниците Имери.

Полицијата една година претходно за истото дело го приведе албанскиот државјанин Алија Лефтер, но обвинителството ја одби пријавата бидејки немаше поклопување на ДНК примероците.

Треба да знаете
Последни објави