Search

Убиецот од Турија обвинет за уште едно убиство

„Убиецот од Турија“, Марјанчо Велев (54) од струмичкото село Добрејци е обвинет и за убиство на струмичанецот Александар Мицов, информираше Основното јавно обвинителство Струмица.

Велев во февруари годинава беше осуден на казна затвор од 20 години за убиството на Ристо Иљашев од Струмица.

Според обвинителството, во текот на истрагата се прибрани доволно докази кои ја потврдуваат основаноста на сомневањето дека обвинетиот, на речиси идентичен начин како и во случајот со претходната жртва Ристо Иљашев, го извршил кривичното дело и кон втората жртва- Александар Мицев(62) од Струмица. Тој го лишил од живот оштетениот на подмолен начин и од материјални побуди.

-На 09.10.2018 година, во адвокатска канцеларија во Струмица, обвинетиот и неговата жртва склучиле Договор за купопродажба на недвижен имот-деловна просторија. Притоа, оштетениот се јавува како продавач, а обвинетиот како купувач. По ова, тие заминале во село Добрејци, во работилницата на обвинетиот за наводна исплата на парите во готовина. Искористувајќи ја приликата кога останале сами и довербата што оштетениот ја имал кон него, обвинетиот испукал два куршума од огнено оружје со калибар 22 (5,6 мм) во пределот на главата на жртвата.Од здобиените повреди кај оштетениот дошло до пореметување и прекин на работата на важни мозочни центри и настапила смрт. Обвинетиот го ставил телото на убиениот во метален резервоар за гориво, кој го обвиткал со полиетиленска фолија. Потоа со возило го однел на браната „Турија“ и го фрлил во езерото, велат од обвинителството.

Убиецот на идентичен начин го убил и Иљашев. Откако се сретнале во Струмица со своето возило го однел во неговата работилница воДобрејци и му пукал во тилот. Потоа го завиткал телото на покојникот во фолија и го ставил во буре во кое ставил 13 метални дискови, го засекол бурето на две места за да може да влезе вода во него и го фрлил во водите на брана „Турија”.

Ристо Иљашев (58) беше пријавен за исчезнат на 7 мај лани, а неговото тело беше пронајдено од неговите најблиски на 20 јуни во водите на браната „Турија” затворено во метално буре. Телото на Мицев беше извадено од браната „Турија” на 5 август лани.

 

Треба да знаете
Последни објави