Search

Убиено момче што го прекрши полицискиот час, на Филипини луѓето ги ставаат во затвор, во Парагвај ги претепуваат

Полицијата во многу земји доби дозвола да го контролира однесувањето на луѓето на начини што во некои случаи се дури и екстремни, пишува „Гардијан“.

Полицијата во Кенија испратила „искрено сочувство“ откако 13-годишно момче било убиено на неговиот балкон во Најроби додека полицијата се движела низ соседството, принудувајќи почитување на полицискиот час.

„Влегуваат, викаат и нè тепаат како да сме крави, а ние сме граѓани кои го почитуваат законот“, рече Хусеин Мојо, таткото на убиеното момче Јасин.

Сè поголема е загриженоста дека полициските сили ширум светот користат мачни и понижувачки казни за спроведување карантински мерки за најсиромашните и најранливите групи, вклучувајќи и десетици милиони луѓе на кои им се заканува глад ако не се спротивстават на овие мерки, односно не бараат работа.

Во текот на изминатата недела, се појавија снимки на кои се прикажани работници мигранти во Индија кои стојат покрај патот додека ги прскаат со хемикалии. Станува збор за дезинфекција пред да влезат во матичната провинција.

Работниците кои се враќале од Њу Делхи биле прскани со средство за белење, натриум хипохлорит, што може да предизвика оштетување на кожата, очите и белите дробови, објави „Индијан експрес“.

На пример, во Пенџаб, луѓето кои ги кршат карантинските правила се принудени да прават склекови и да извикуваат: „Ние не сме пријатели на општеството. Не можеме да седиме дома“.

Слична понижувачка тактика користи и полицијата во Парагвај, каде што луѓето кои ги кршеле правилата за карантин морале да направат ѕвезда и им се заканувале со електрошокови.

Иако постои растечки глобален консензус дека напорите за заштита на јавното здравје во пандемија бараат привремени жртви за некои индивидуални слободи, експертите за човекови права на ООН ги повикаа државите да обезбедат дека нивниот одговор на пандемијата е „сразмерен, неопходен и недискриминаторски“.

Треба да знаете
Последни објави