Search

„Убер“ стартуваше услуга за превоз со хеликоптер низ Њујорк

Компанијата „Убер“ услугата за споделување на превоз ја крена во височина, овозможувајќи превоз на патници со хеликоптер од центарот на Менхетн до аеродромот ЏФК во Њујорк, објави Си-ен-ен.

Патувањето од Менхетн до тој аеродром, за кое со автомобил се потребни околу два часа, со хеликоптерот на „Убер“ ќе трае околу осум минути.

Цената на возењето е 200 долари во еден правец, а услугата ќе биде достапна само за клиенти кои преку наградните програми на „Убер“ стекнале платинест или дијамантски статус.

За сега, „Убер“ започнува со ограничени флота на хеликоптери и број на летови кои ќе бидат утврдувани на дневно ниво според побарувачката на клиентите.

Хеликоптерите ќе полетуваат и ќе слетуваат во Менхетн, јужно од улицата Хјустон и ќе движат по рута до меѓународниот аеродром ЏФК, во работни денови за време на попладневниот сообраќаен метеж, пренесе Си-ен-ен.

Службата за транспорт со хеликоптери се вика „Убер коптер“, а во леталото има седишта за пет патници кои можат да носат рачен багаж и торба или торба за лаптоп.

Сепак, загриженост за оваа услуга изрази градоначалникот на Њујорк, Бил де Бласио, по една фатална хеликоптерска незгода во градот. Тој смета дека прелетувањата на хеликоптери над Менхетн треба да бидат забранети.

Треба да знаете
Последни објави