Search

Соговорничка до Јанакиески: Паркови и зеленило слабо излезност, таму маваме повеќе

Од незаконски прислушуваните разговори кои денеска се пуштаат во судот на рочиштето за предметот „Титаник“, направени на 7. април, денот од вториот круг на локалните избори во 2013 година, може да се слушне како поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески врши контрола на излезноста на лицата вработени во државните институции и приватните фирми кои соработувале со тогашната власт.

„СГС, Музеј на Град Скопје, основни, средни училишта од сегде има списоци. Паркови и зеленило е најслабо, таму маваме повеќе“, му реферира соговорничка на поранешниот министер Јанакиески.

Јанакиески во еден од разговорите вели дека од фирмата на Орце Камчев, „Орка Холдинг“ не се излезени да гласаат и дека од базата точно се знае кој излегол на гласање, а кој не.

Во голем дел од разговорите Јанакиески со име и со презиме ги спомнува лицата кои немаат излезено на гласање со цел истите да бидат, како што вели „притиснати“, да гласаат. Ова особено се однесува на регионот во општина Центар.

„Многу од Дебар маало немаат излезено, види за семејство Андонови и другите таму“, му вели Јанакиески на еден од соговорниците.

Случајот „Титаник“ на СЈО се однесува на злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Треба да знаете
Последни објави