Search

Уапсени 59 демонстранти во судирот со полицијата во Либан

Либанската полиција соопшти дека уапсила 59 лица во судирот со демонстрантите пред зградата на Централната банка во Бејрут, кои се незадоволни од владејачката елита и влошената финансиска криза во земјата.

Судирите траеле повеќе од пет часа при што биле повредени 47 полицајци, соопштија безбедносните сили, додавајќи дека некои демонстранти ги кршеле прозорците на приватните банки во финансиската област на либанската престолнина.

Вчера демонстрантите протестираа пред зградата на централната банка во населбата Хамра, обвинувајќи го гувернерот дека со својата политика само ги продлабочил финансиските проблеми во земјата, пренесува АП.

Протестот ескалираше во насилство кога демонстрантите се обидоа да пробијат полициски кордон пред установата.

Полицијата фрлила големо количество солзавец за време на неколкучасовните судири, при што демонстрантите возвратиле со каменици и петарди.

Синоќешните судири го означија крајот на затишјето на протестите во Либан кои траат три месеци.

Треба да знаете
Последни објави