Search

ТФТ и МЗТ Скопје ја отвораат новата сезона во македонското кошаркарско првенство

Со натпреварот ТФТ – МЗТ Скопје Аеродром, вечер во 19 часот ќе почне сезоната 2022/23 во македонската кошаркарска лига. Натпреварот ќе се игра во салата на СРЦ „Кале”.

Екипата од Аеродром ја брани шампионската титула од минатата сезона, додека ТФТ е актуелен освојувач на националниот Куп „Благоја Георгиевски-Буштур”.

– Реков и пред некое време, ние сме МЗТ, влегуваме како шампиони и фаворити. Променивме доста од странците, домашниот ростер остана ист. Мислам дека тимот е во слична физиономија како и лани. Одлучивме малку да го подмладиме тимот со годините, затоа и ги направивме промените. Нè чека доста тешка сезона, но целите на МЗТ остануваат исти – да се напаѓа секој домашен трофеј, додека во АБА-лигата ќе се бориме за подобри резултат. ТФТ сигурно е екипа за респект, пред се има добар ростер на домашни играчи и нови странци. Очекувам еден добар дуел. Ние сигурно имаме поголемо искуство затоа што играме со години во континуитет во АБА и АБА, изјави тренерот на МЗТ, Александар Петровиќ.

Предводникот на ТФТ, Боро Смилковски смета дека борбеноста и мотивираноста ќе го одлучат победникот.

– Овој натпревар доаѓа во еден транзициски период за нас, влегуваме со малку изменет состав, без Донован Доналдсон кој во меѓувреме се пресели во Пелистер, како и се уште без нови имиња во составот кои очекуваме да бидат обелоденети деновиве. Сепак веруваме во она што го имаме, напорно работиме за да бидеме подобри и со сигурност одиме да се натпреваруваме со верба за позитивен резултат на утрешната средба. Имавме прилика да направиме дополнителна анализа на противникот и да коригираме некои од грешките од минатата недела. А со сигурност за очекување е и да имаме подобар пристап – нешто што го ценам како клучен фактор за конечниот исход на натпреварот, смета Смилковски.

Останатите средби од премиерното коло од новата сезона ќе се играат претстојниот викенд:
Навико Академија ФМП – Кожув
Гостивар – Пелистер
Струмица – Еуро Никел
Куманово – Чаир
Работнички – Феникс.

Треба да знаете
Последни објави