Search

Тутунскиот комбинат АД Прилеп годинава ќе ја заврши за прв пат со добивка

Тутунски комбинат АД Прилеп (ТКП) по 20 проблематични години, последниве 5 години успеа да го стабилизира своето работење и интензивно да се трансформира во ефикасна и модерна фабрика за производство на цигари и тутун во земјава. Според досега остварените резултати и проекциите се очекува Комбинатот, кој со децении беше еден од најголемите загубари во земјава, на крајот на годинава да покаже добивка, прв пат после 20 години.

„Минатата година ја завршивме со загуба од околу 3 милиони евра, но тоа се должи исклучиво на реализација на програмата за подобрување на продуктивноста во рамките на која се спроведе мерка за доброволно заминување на вработените од ТКП, во која се пријавија 222 вработени на кои им беа исплатени отпремнини во вкупен износ од 4 милиони евра. Тоа значи, како што е нотирано и во ревизорскиот извештај, дека без оваа акција, компанијата би остварила добивка од 50 милиони денари“, вели Кирил Станкоски, генерален директор на Тутунски комбинат АД Прилеп.

Благодарение на успешното спроведување на рационализацијата и решавање на проблемот со превработеноста, ТКП направи нова систематизација на работните места, со што платите на вработените во комбинатот се зголемија меѓу 10 и 15%, а најголемо зголемување е направено кај клучните сектори – во Погонот Тутун и Погонот цигари.

Покрај оваа мерка која придонесе за рационализација на производството, комбинатот ги намали непродуктивните расходи, ја зголеми енергетската ефикасност во производството, ја подобри состојбата во градежните објекти, набави нова опрема неопходна за нормално одвивање на производниот процес и се ослободи од непотребните залихи, со што драстично се подобри продуктивноста на компанијата.

„Во шестмесечниот извештај доставен до Македонската берза прикажана е загуба за првата половина од годината која е помала за 80% споредено со истиот период од 2018 година. Во секој случај, ова не може да биде релевантен показател за работењето на Комбинатот во текот на целата 2019 година. Имено, поголемиот дел од приходите кои ги добиваме се остваруваат во втората половина од годината кои според сите проекции, ќе бидат повисоки од трошоците заради што очекуваме дека ТКП ќе ја заврши 2019 година за прв пат со добивка која очекуваме да биде значајна, додава Станкоски.

Остварените резултати на ТКП секако се должат на стратешкото партнерство остварено со тутунскиот гигант Филип Морис Интернешнел и формирањето на заедничка компанија Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП), што придонесе ТКП полека но сигурно да се враќа на некогашните позиции како компанија која има значителен позитивен придонес во македонската економија.

Стратешкото партнерство, меѓу другото, овозможи подобрување на инфраструктурата,  инсталирање на нови машини за производство на цигари, зголемување на продуктивноста и ефикасноста во работењето, согласно највисоките стандарди за квалитет според критериумите на глобалниот гигант во производството на цигари, како и стабилен откуп на тутун од тутунопроизводителите и навремена исплата на договорените количини.

Партнерството со Филип Морис придонесе да се почне со модернизација на производството и за првпат од кога е изградена фабриката во Тутунски комбинат се изврши реновирање на производната хала со површина од над 5.000 метри квадратни. Инсталирана е и нова машина за производство на цигари со потенок прогресивен формат или т.н. 7.0 формат. Модернизацијата на производната хала како и на инсталирањето на новата машина му овозможи на ТКП да започне со производство на Марлборо 7.0 формат за Филип Морис.

“Самиот факт дека Филип Морис даде одобрување за производство на Марлборо 7.0 во Тутунскиот комбинат во Прилеп е знак за исполнување на високите стандарди кои една глобална компанија ги има и на довербата која таа компанија ја има во ТКП. Ова производство на познати брендови е извонредно значајно за реномето на Тутунски комбинат АД Прилеп кој покажа дека со успешно менаџирање, потпомогнато со експертиза од ФМИ, може да исполни строги критериуми и да произведува премиум брендови каков што е Марлборо”, вели генералниот директор Станкоски.

Треба да знаете
Последни објави