Search

Тутунарите и откупувачите на средба со министерот Хоџа

– Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа денеска ќе одржи работен состанок со тутунопроизводителите и откупувачите на тутун.

На средбата, како што најави вчера заменик-министерот Трајан Димковски, ќе се разговара за ситуацијата со откупот.

Димковски ја оцени состојбата со откупот како катастрофална, нагласувајќи дека цените се многу ниски, а и сите пунктови не се отворени.

– Оваа година почна катастрофално, сите пунктови отворени не се, а просечната цена е многу ниска, меѓу 140 и 170 денари. Решение мора да се бара. Ова е неочекувано, зошто се тргна со волку ниска цена, иако откупувачите најавуваа залихи и дека реколтата е со полош квалитет, рече Димковски по вчерашната посета на Штип.

Според Димковски, информациите од терен велат дека од понеделник би требало да бидат отворени сите пунктови за откуп.

– Поголемите фирми ги имаат отворено пунктовите, но добар дел се уште не. Најавата е дека од понеделник треба да бидат отворени сите, потенцира Димковски.

Министерот Хоџа на 25 ноември, при посетата на Прилепскиот тутунски комбинат кој тогаш ги отвораше пунктовите, рече дека не се очекуваат поголеми проблеми со откупот. Средствата се обезбедени и тоа што е договорено нема да остане неоткупено.

-Рано е да говориме за некаква проценка, но очекуваме се да биде во најдобар ред. Ситуацијата ќе се следи. Не би сакал пораката во почетокот на откупот да биде негативна. Да почекаме како ќе се одвива, па да преземеме мерки доколку има проблеми, изјави Хоџа.

Годинашниот род на тутунот се проценува на околу 23.000 тони. Произведените количини треба да ги преземат 10 откупни компании во земјава.

Треба да знаете
Последни објави