Search

Туск: Велика Британија не смее да биде третирана како земја од втора категорија

Претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск ги информираше европските пратеници за ситуацијата со Брегзит по минатонеделниот самит на кој лидерите одобрија одлагање на британското истапување од ЕУ до 31 октомври.

Туск ги увери европратениците дека одобрувањето на долго пролонгирање за британското истапување е добра работа затоа што го намалува притисокот од неизвесноста на можен Брегзит без договор и им остава доволно време на Британците да изнајдат компромис на внатрешен план.

Сепак, тој повтори дека за Договорот за повлекување, склучен меѓу Велика Британија и останатите 27 земји членки на ЕУ, не може повторно да се преговара, но дека Унијата е подготвена да ја отвори повторно Политичката Декларација, која го придружува Договорот за Брегзит и во која се исцртуваат плановите за идното партнерство меѓу двете страни.

Тој потсети дека одлуката да се одложи Брегзит за најмалку шест месеци значи дека Обединетото Кралство ќе учествува на претстојните избори за Европскиот парламент, што загрижува многумина европратеници. Во ЕУ постои страв дека учеството во овие избори за само кус период може да доведе до обиди за внатрешна дестабилизација од страна на Британците кои се излез од ЕУ.

– Тие ќе бидат членови на Европскиот парламент, со сите права и обврски, рече Туск и побара од европратениците да не ги третираат нивните британски колеги како „земја членка од втора категорија”. – Мораме да продолжиме да се справуваме со Брегзит со отворен дух и на цивилизиран начин, затоа што, што и да се случи, нѐ поврзува заедничка судбина и сакаме да останеме пријатели и блиски партнери во иднина, изјави шефот на Европскиот Совет.

Треба да знаете
Последни објави