Search

Турција изрази протест кон земјите кои бараат ослободување на активист

Турција денеска ги повика на разговор амбасадорите на САД и уште девет земји, изразувајќи го својот протест поради нивниот повик за ослободување на активистот Осман Кавала, согласно одлуката на Европскиот суд за човекови права.
Повикот ги налути турските власти кои обвинија десет земји за мешање во турското правосудство.
Турското Министерство за надворешни работи соопшти дека на амбасадорите им било кажано дека „е неприфатлива дрската изјава, испратена преку социјалните мрежи, во врска со судската постапка спроведена од независно судство”.
Министерството наведува дека „Анкара го отфрла обидот за политизирање на судските постапки и притисок врз судството”.
– Турција е демократска земја во која постои владеење на правото и која ги почитува човековите права. Ваквите неодговорни изјави нема да имаат влијание врз турското судство, се додава во соопштението.

Кавала, 64-годишен филантроп и активист за човекови права, беше уапсен пред четири години под обвинение дека се обидел да ја собори турската влада со протести кои се проширија од Истанбул низ целата земја во 2013 година.

Тој е обвинет и за шпионажа и обид за соборување на владата преку неуспешен државен удар во јули 2016 година.

Европскиот суд за човекови права во декември 2019 година донесе одлука Кавала да биде ослободен, но турските власти ја игнорираа пресудата.

Амбасадите на САД, Канада, Франција, Германија, Холандија, Норвешка, Шведска, Финска, Данска и Нов Зеланд вчера соопштија дека одложувањето на судењето на Кавала, спојување на различни случаи и отворање нов судски процес и покрај претходната ослободителна пресуда „фрла сенка врз почитување на демократијата, владеење на правото и транспарентноста”.

Треба да знаете
Последни објави