Search

Турција го критикуваше договорот меѓу кипарските Грци и САД

Меморандумот за разбирање потпишан неделава меѓу администрацијата на САД и кипарските Грци ќе им наштети на напорите за решавање на кипарското прашање наместо да придонесе за мирот и стабилноста, соопшти Министерството за надворешни работи на Турција, пренесува „Анадолија“.

„Меморандумот потпишан меѓу администрацијата на САД и кипарските Грци на 12 септември 2020 година предвидува формирање на Центар за безбедност на копно, отворено море и пристаниште во администрацијата на кипарските Грци ја игнорира страната на кипарските Турци“, рече портпаролот на турското МНР, Хами Аксој.

Чекорите преземени од САД за укинување на ембаргото за оружје на кипарските Грци и вклучување на грчката страна во својата програма за меѓународно воено образование и обука (ИМЕТ) ја нарушуваат рамнотежата помеѓу двата народа на островот и ги зголемуваат тензиите во Источниот Медитеран, смета Аксој.

„Во овој поглед, зачудувачки е што американскиот државен секретар Мајк Помпео не се состана со кипарските Турци за време на својата посета на островот. Ги повикуваме САД да се вратат на својата традиционална политика на неутралност во врска со островот и да придонесат во напорите за решавање на кипарското прашање“, подвлече тој.

На 1 септември, САД делумно го укинаа ембаргото за вооружување на администрацијата на кипарските Грци, а Помпео во јули објави дека САД ја вклучиле администрацијата на кипарските Грци на Јужен Кипар во својата програма за воена обука за 2020 година.

По насилната поделба на островот Кипар од страна на кипарските Грци во 1963 година, кипарските Турци страдаа под кампања на етничко насилство. Во 1974 година, по државниот удар насочен кон присоединување на Кипар кон Грција, Анкара мораше да интервенира како гарант. Во 1983 година е основана Турската Република Северен Кипар (ТРСК).

Со децении се водеа разговори за решавање на спорот, но сето тоа заврши без успех. Најновата рунда разговори, одржана со учество на земјите гаранти – Турција, Грција и Велика Британија – заврши во 2017 година во Швајцарија.

Во 2004 година, планот на тогашниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан, за решение беше прифатен од кипарските Турци, но беше одбиен од кипарските Грци на референдумите одржани на двете страни на островот. Во неодамнешниот извештај, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, рече дека можеби ќе бидат потребни нови идеи за решавање на прашањето на Кипар.

Треба да знаете
Последни објави