Search

Турски суд осуди стотици лица кои го организирале обидот за воен преврат во Турција

Суд во Анкара донесе пресуда во случајот за 224 обвинети кои се опфатени со заедничко обвинение за случувањата во зградата на Генералштабот на Турција во Анкара за време на обидот за пуч на 15 јули 2016 година, меѓу кои се наоѓаат и членови на раководното тело на терористичката организација ФЕТО, таканаречено „Совет за мир во татковината”, јави агенцијата Анадолија.

Повеќе припадници на ФЕТО, вклучувајќи го и поранешниот командант на воздушните сили на Турција, генералот Акин Озтурк, осудени се на по 141 казна доживотен тежок затвор.

Зградата на Генералштабот на турската Војска во Анкара бере една од клучните локации ноќта кога се случи обидот за преврат, од каде што членовите на „Советот за мир во татковината” управуваа со целиот процес.

Поранешниот командант на Почесната гарда на Кабинетот на турскиот претседател и поранешен полковник Мухсин Кутси Бариш, кој за време на обидот за пуч издал наредба да се заземе зградата на ТРТ, е осуден на доживотна казна затвор.

Казна доживотен затвор е изречена и на поранешниот главен офицер за врски на Кабинетот на турскиот претседател Ердоган и член на „Советот за мир во татковината” на ФЕТО, Али Јазиџи.

Поранешниот офицер за врски, началникот на Генералштабот на Вооружените сили на Турција, Левент Туркан, исто така е осуден на доживотна казна затвор.

Поранешниот претседател на Кабинетот за анализа на информации при Генералштабот на Република Турција, Синан Сурер, исто така е осуден на 141 казна доживотен затвор. На 141 казна доживотен затвор осудени се исто така и генерал-мајорот Кубилај Селџук, генерал-мајорот Мехмед Дисли, поранешниот генерал-полковник Илхан Талу, генерал-мајорот Мехмед Партигоџ.

Досието на обвинението содржи најмалку 2.386 подносители на жалби, меѓу кои се и турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, министерот за одбрана, Хулуси Акар, како и голем број граѓани на Турција, кои се повредени во текот на ноќта на 15 јули. За време на процесот се сослушани 235 сведоци.

Терористичката организација ФЕТО/Паралелна државна структура (ФЕТО/ПДЈ) во седумдесеттите години од минатиот век започна да ги инфилтрира своите поданици во безбедносните институции на Турција, за да ги зајакне значително своите паралелни пирамиди во рамките на тие институции во осумдесеттите години, и на 15 јули 2016 година да го изведе неуспешниот обид за воен удар, со цел уривање на уставниот поредок и соборување на демократски избраната власт во Турција, потсетува Анадолија.

Во текот на обидот за воен удар во Турција беа убиени 251 лице, а ранети околу 2.200 лица. Турските надлежни институции започнаа опсежна борба против организацијата на чие чело е Фетула Ѓулен.

Треба да знаете
Последни објави