Search

Турскиот „Крадци на гулаби“ и втора вечер на краткометражни филмови на ФФФ

На програмата на деветтото издание на Филозофски филмски фестивал (ФФФ), кој се одржува од 9 до 16 мај во Кинотека, денеска е втората вечер од компетитивната програма на краткометражни филмови (18:30).

Како што информираат од организаторот, Филозофското друштво на Македонија, посебноста на селекцијата на овој фестивал е изборот на филмовите според два критериума: уметничкиот квалитет и филозофската релевантност и/или податливост.

Вечерва ќе бидат прикажани уште десет филмови од Полска, САД/Полска/Германија, Костарика/Доминиканска република/Шпанија/Португалија, Германија, Португалија, Франција, Русија, Индија и два македонски филма – „Кога нè нема“ на Стефан Палитов и „Почетокот“ на Агим Абдула.

Ревијално ќе биде прикажана и филмската етида „Осаменост“ на Мирослав Илиќ изработена во рамките на Работилницата за филозофија и филм на Фестивалот со професор Стефан Сидовски.

Во 21:30 во терминот за компетитивната селекција на долгометражни филмови, ќе биде прикажан петтиот филм, турскиот „Крадци на гулаби“. Оваа топла приказна, првенец на режисерот Осман Наил Доган беше дел од Официјалната селекција на 24. Сараевски филмски фестивал. Филмот ја отвора темата на егзистенцијата на чесниот човек во светот којшто ретко кога е благонаклонет на добредетелните. Или, поинаку кажано: Како може еден човек да биде добар ако животот е беспоштеден и суров, луѓето се немилосрдни и себични, а светот е студен и туѓ?

Филозофскиот филмски фестивал по третпат во својата деветгодишна традиција има интернационална димензија. Фестивалот институционално е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура и Градот Скопје, а за неговата реализација помагаат и повеќе соработници.

Треба да знаете
Последни објави