Search

Туристичките знаменитости може и треба да се уживаат, но мерките и протоколите мора да се почитуваат за да се надмине пандемијата COVID-19

Претставници на семејството на Обединетите нации (ОН) и на туристичкиот сектор во Северна Македонија разговараа за предизвиците со кои се соочува овој сектор поради пандемијата COVID-19, на онлајн состанок вчера.

Учесниците на состанокот се согласија за важноста од почитување протоколи и мерки во помош на земјата да го спречи ширењето на новиот корона вирус, особено во претстојниот врв на туристичката сезона. Како и дека и покрај многуте предизвици, туристичките убавини на земјата може да се уживаат одговорно.

“Туризмот има голема улога во сегашната ситуација, зашто тоа што се случува во овој сектор не се однесува само на овој дел од економијата, туку и на здравјето, на добросостојбата на луѓето во земјата, на целата економија и на локалниот развој” рече Росана Дуџак, Постојан координатор на ОН во Северна Македонија. “Тоа што е важно е сите да разбереме дека животот мора да продолжи, дека работата мора да продолжи, но мора да се следат и мерките и протоколите за заштита, за да се избегне поголема штета.”

За Џихан Тавила, шеф на канцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Скопје, реалност е дека ќе мора да живееме со вирусот подолго време и дека било кој кластер што ќе биде поврзан со одредена туристичка локација, ќе биде исклучително штетен за бизнисот, како и за неговото влијание на јавното здравје.

“Редефинирање и проширување на можностите за зголемување на туризмот во време на COVID-19:  може да се мисли на нов туризам, да се биде иновативен и да се направат работите поинаку за да се зголеми безбедноста на услугите, квалитетот и безбедноста на вработените и гостите. Безбеден туризам може да стане нов стандард”, Тавила рече.

Крсте Блажески, претседател на Хотелската Асоцијација на Македонија (ХОТАМ) информираше за тешкотиите со кои се соочува туристичкиот сектор од почетокот на пандемијата, а зборуваше и за значењето на заедничките напори да се надмине кризата.

“Состојбата е тешка, а ќе биде и потешка. Во овој момент се обидуваме да ги намалиме загубите. Сите треба да бидеме реални и иновативни; мора да работиме заедно да се надмине кризата, надевајќи се на подобри резултати идната година”, Блажески рече. “Има многу непознати работи. Потребен ни е поголем заеднички напор за да се справиме со кризата. Од поголема контрола во спроведувањето на протоколите и превентивните мерки, до подобра кординација и поголемо разбирање дека сите треба по нешто да жртвуваме.”

Блажески зборуваше и за напорите да се зачуваат работните места и платите на вработените.

 

 

 

 

“Беше многу тешко за некои од нашите членови да продолжат да исплаќаат плати и други трошоци без никаков приход. Лани имавме проблеми да најдеме работници. Сега се мачиме да ги зачуваме тие што ги имаме, за да не ги загубат своите работни места и да се осигураме дека заедно ќе излеземе од оваа криза”, Блажески додаде.

Дарко Димовски, од Сојузот на синдикати, претставувајќи го Синдикатот на вработените во туризам и угостителство ја посочи долгорочната важност од зачувување на работните места во сегашната ситуација.

“Работиме напорно, а учествувавме и во изготвувањето на мерките за заштита на работните места што ги подготви Владата, зашто не сакаме луѓето што сега работат да ги загубат работните места и да ја напуштат земјата веднаш штом кризата ќе стивне.”

Учесниците на состанокот се согласија дека најважни работи за справување со тешката состојба предизвиката од пандемијата се да се биде иновативен, реалистичен, практичен и сите да бидат поодговорни со носење маски, оддржување дистанца и често и темелно миење на рацете.

 

Треба да знаете
Последни објави