Search

Тунева: Македонија и Албанија делат слични проблеми во медиумите

Проблеми со еднострано известување и говор на омраза во медиумите, копи-пејст новинарство, дискриминација, пласирање лажни вести, дезинформации и пропаганди се дел од проблемите што ги делат советите за етика во медиумите во Македонија и Албанија.

Ова се дел од темите на кои изминатите три дена дискутираат претставници на саморегулативните тела на двете земји, студенти по новинарство и новинари на пролетниот камп во Струга.

Извршниот директор на Советот за етика во медиумите на Македонија Марина Тунева посочи дека со албанските колеги делат слични проблеми кога станува збор за нарушувањето на професионализмот во медиумите.

-Се соочуваме со проблеми во едностраното известување, не се користат различни извори на информации со цел да се создаде една урамнотежена слика за одредени теми и прашања. И во двете држави застапен е проблемот со копи-пејст новинарството и не ретко сме се соочувале со пријави до Советот за етика во медиумите во Македонија за преземени содржини, плагијаторство, еднострано информирање… Тоа е еден аспект што го дискутиравме со колегите од Албанија правејќи споредба како функционираат медиумите таму, истакна Тунева.

Според неа, разлика има во користење на недоличен и дискриминаторски речник од страна на претставници на власта во Албанија кон новинарите е ситуација што не се случува на таков начин кај нас.

– Кај нас имало обиди да се критикува работата на новинарите, но ние секогаш сме застанувале во одбрана на професијата и новинарите, нагласи Тунева.

На летниот камп, додаде, било дискутирано и за проблемот со интернет медиумите и изнаоѓање решенија за негово надминување.  Смета дека доколку се искомбинираат овие пристапи ефективно функционирање на саморегулацијата, прифаќање на одговорноста пред се од страна на медиумите да работат во јавен интерес и професионално и ако се зборува за одговорност на страна на спроведување на законот и ефективно работење на институциите тогаш навистина ќе се подобри работењето на онлајн медиумите.

Заеднички став на двете саморегулативни тела е тоа да биде прашање на саморегулација. Но многу е значајно да се акцентира и одговорноста на самите институции и ефективното спроведување на законот нешто што навистина било проблем во минатото. Имало многу празнини во спроведувањето на законот, многу појави кои биле кривични дела, но со закон не биле казниви, како што е на пример говорот на омраза во медиумите. Ние имаме една задоволителна законска рамка кога станува збор за работењето на онлајн медиумите и нивното работење е регулирано низ неколку закони. Законите за заштита од дискриминација, за заштита на лични податоци, за граѓанска оговорност од клевета и навреда…, појасни Тунева

Пролетниот камп е организиран со поддршка на проектот „Градење доверба во медиумите во Југоисточна Европа и Турција” поддржан од УНЕСКО.

Треба да знаете
Последни објави