Search

Трудо: Канаѓаните ги отфрлија поделбите

Канадскиот премиер Џастин Трудо, кој освои втор манадат им порача на Канаѓаните дека ги отфрлиле поделбите и избрале програма за напредок. Трудо на вчерашните парламентарни избори, според првичните процени, го победи конзервативниот ривал Ендру Шир. Тој го изгуби мнозинството, но оствари изненадувачки добар резултат и покрај тоа што беше ослабен со низата скандали што му го нарушија имиџот на либерален политичар. Канадскиот премиер го прекрши протоколот откако одржа говор во исто време кога се обраќаше и неговиот политички опонент Шир. Трудо истакна дека ќе работи и за тие кои не гласале за него.

Според Изборната комисија врз основа на 18 отсто преброени гласови, Либералната партија на Канада на Трудо освои 145 пратенички места, додека Конзервативната партија на Канада на Ендру Шир има 106 пратеници. Канадскиот Парламент има 338 пратеници, што значи дека за мнозинство потребни се 170 мандати. Сепаратистичкиот Блок на Квебек ќе има 33 пратеници, додека левичарската Нова демократска партија – 20. Трудо најверојатно ќе формира коалиција со некои од помалите партии. Џастин Трудо е син на либералната икона, поранешниот премиер Пјер и еден од ретките прогресивни светски лидери во ерата на Трамп. Тој изминатиот мандат водеше либерална политика, ги прифати имигрантите кога САД и другите земји ги затвораа вратите, се залага за заштита на животната средина и за зачувување на планетата и го легализира канабисот.

Треба да знаете
Последни објави