Search

Тркалезна маса: Преку редистрибуција на вишокот храна може да се намали бројот на гладните

Намалувањето на бројот на гладните луѓе преку редистрибуција на вишокот храна таму каде е потребна е цел која е остварлива. Големи количини храна вишок храна може да се искористат и тоа може да се прави секојдневно во секој дел од светот. Законот за донирање вишок храна во државава е во финална нацрт верзија и се очекува во најскоро време да и биде достапен за јавноста. Ова го истакнаа учесниците на тркалезната маса на тема „Како да го одржиме системот за донација и редистрибуција на вишок храна”, што се одржа во рамки на „ВСС Ефект проектот”, финансиран од Европската унија.

Претставникот на Банката за храна во државава, Душко Христов рече дека година ипол работат на темата во врска со вишокот храна и како таа да стигне до сиромашните.

– Како организација бевме во работната група која работеше четири пет месеци на Законот кој треба да ја регулира оваа материја, посочи Христов.

Шефот на секцијата за земјоделство при Европската делегација, Вирве Вин Пари истакна дека голем број семејства имаат потреба од донација со храна.

– Законот е во финална нацрт верзија и се надевам дека во најскоро време ќе биде достапен за јавноста. Може да придонесеме за зголемување на свесноста и да се обидеме да ги постигнеме целите кога зборуваме за намалување на фрлањето храна, додаде Вин Пари.

Претседателот на на Европската федерација на банки за храна, Жак Мари Ванденшрик рече дека сакаат да ја намалат гладта преку редистрибуција на вишокот храна таму каде е потребна.

– Намалувањето на гладта е цел која е остварлива, затоа што денеска има 7,3 милијарди луѓе, а до 2050 година се очекува бројот на популацијата да се зголеми до девет милијарди. Тоа значи дека произведуваме доволно храна за да нахраниме околу 12 милијарди луѓе, но 30 проценти од неа се фрла. Секоја година се обидуваме да помогнеме на најдобар можен начин да се остварат нови активности и банки за храна таму каде не постојат, потенцира Ванденшрик.

Посочи дека минатата година редистрибуирале 781.000 тони храна преку голем број банки, хуманитарни организации.

– Имаме 45.000 хуманитарни организации кои учествуваат во редистрибуција на храна во кои работат 31.700 работници, а 85 отсто од нив се волонтери. Можно е да се искористи вишокот храна за да се намали гладта. Тоа може да го правиме секојдневно во секој дел од светот. Секоја година во Европа се губат 88 милиони тони храна, а ние од тоа искористуваме 780.000 тони преку кои обезбедуваме услуга за тие кои имаат потреба од тоа. Дел од 88 милиони тони храна која се губи годишно, не може да се искористи и во моментов се одвиваат голем број дискусии како тоа може да се подобри. Голем дел од таа храна не се користи, рече Ванденшрик.

Според него, 23 милиони тони храна може да се искористат и тој праг може да се подобри.

Треба да знаете
Последни објави