Search

Три нови Роса школи ќе бидат отворени во Охрид, Струмица и Куманово

Во Охрид, Струмица и Куманово ќе бидат отворени три нови Роса школи за родителство во кои младите родители ќе имаат можност да добиваат совети од стручни лица за грижата на новороденчињата.

Трите школи се продолжение на проектот што Пивара Скопје и Министерството за здравство го почнаа минатата година кога беа отворени три вакви школи во Скопје, Гостивар и Битола.

– Оваа мисија не е само мисија од минатото и мисија за сегашноста, туку мисија за иднината. Среќен сум дека денеска го продолжуваме овој проект. Целта на проектот е многу едноставна – да им се доближиме на мајките, децата и на семејствата во нивната нова улога, истакна попладнево генерален директор на Пивара Скопје, Дан Тимотни во Роса школата за родители во поликлиниката Јане Сандански.

Отворањето на новите школи, како што посочи, доаѓа како резултат на досегашниот успех на проектот и големиот интерес од страна на родителите.

Тимотни најави дека како Пивара Скопје ќе инвестира и повеќе од 10 милиони евра во 2020 година во капитални инвестиции што, според него, претставува досега најголема годишна инвестиција на компанијата во земјата.

Според премиерот Зоран Заев, ваквите општествено одговорни проекти се одлична можност за вистинската нега и доброто родителство.

– На секој родител добредојдена му е стручната помош која ќе му биде овозможена. Ангажманот и работењето на Пивара Скопје заедно со гинеколозите, акушерките и педијатрите ќе вградат многу љубов кај дечињата и родителите, истакна Заев.

За министерот за здравство Венко Филипче, ваквите проекти се одлична идеја за родителите кои со помош од стручни лица учат како да постапуваат со своите новороденчиња.

– Во овие школи за родителство, младите родители со помош на искусни педијатри и медицински сестри, учат како да се постапуваат со бебето. Ги учат основните постапки околу повивањето, водењето нега, хигиена и грижа, како и значењето и важноста на медицинските постапки како редовните прегледи и вакцинацијата, рече Филипче, додавајќи дека заедно со Пивара Скопје ја разгледуваат и можноста за подобрување на патронажните сервиси.

Треба да знаете
Последни објави