Search

Трибина на МТФ: Клучно е што јавно се говори за состојбите во македонскиот театар

Слоганот на Фестивалот и на клучната трибина „Ова е наше време, време за театар” е многу моќен  и пресудно е што на МТФ „Војдан Чернодрински” се отвори можноста јавно да се говори за тоа каде е сега македонскиот театар, порача театарологот Ана Стојаноска, водител на тркалезните маси на Фестивалот и на трибината што се одржа денеска насловена: „Ова е наше време, време за театар”. Трибината е во рамките на 54. МТФ „Војдан Чернодрински” кој од 7 до 15 јуни се одржува во Прилеп.

Според Стојаноска, театарот во нашата држава, правен низ годините е проследуван и има своја вредност, но главниот проблем е што немаме однос кон наследството и традицијата.

– Немаме некој континуитет, а имаме одлични театарски корени. За да не биде тоа така, ја поздравувам оваа традиција на гласно говорење. Сметам дека главните точки на гласното говорење се на три теми: естетско профилирање на театарот овде и сега: Кој е тој театар што е важен во Македонија, дали театарот се профилира, во естетска смисла, за каков тип на театар ние зборуваме. На Фестивалот проследивме три дена со богата програма и веќе имаме некаков увид. Втората тема е стратегијата за Театар, зашто мислам дека таа ни недостасува, не од политички аспект, туку дали имаме увид што воопшто се случува со театарот во државата денес. И според мене, најважната тема е овде за театарот и за театарските фестивали. Пред сѐ, се наоѓаме на еден театарски фестивал со традиција, кој ни дава можност да проговориме за овие теми, рече Стојаноска.

Новинарот Сотир Трајков на трибината отворено праша каде е домашниот драмски автор и нагласи дека му пречи паритизацијата и политиката во културата.

– Мора да тргнеме од тоа дека театарот е жртва на политизација и на партизација. Годинава имаме исклучително кратка сезона – од мај до јуни, што е поразително за една држава. Имаме традиција, но не знаеме да ја негуваме. Што може да се направи со пари добиени од Министерството за култура од април до мај, три месеци претходно театрите да стагнираат, 2019 година ќе ја паметиме по фактот дека имаме најкратка театарска сезона. Овој фестивал е востановен да ја афирмира домашната драма. Каде се домашните автори? Втора година по ред ние не гледаме домашен автор. Тоа не е проблем на селекторот, тој избрал од тоа што видел. Но, каква е демотивираноста на македонските драмски писатели да пишуваат? Времето е такво што нуди многу теми, но зошто не ги засегаат домашните автори? Кој е нивниот предмет на интерес?, загатна Трајков.

Драмскиот автор Сашо Димовски смета дека има драмски автори, но образовниот процес е проблем. Државата има 18 театарски фестивали, но несериозно им се посветува.

– Не е дека нема млади македонски драмски автори. Ги има и се со сериозно издржани текстови. Проблемот го гледам во образованието. Ние продуцираме кадри за театарот што одамна не постои и е мртов. Што се однесува до фестивалите, ние имаме 18 театарски фестивали, дел форматирани како национални, дел како меѓународни. Што се случува со тие драмски фестивали? Никој од нив, освен МОТ, нема клуч по кој тој се случува. МОТ е сѐ уште наша лабараторија на која ние можеме да видиме современи, свежи естетики. Но, што е другите фестивали? Не може, на пример, еден фестивал „Стоби” кој има 19-годишна традиција да го нема никаде. Беше единствен форматиран како таков, Фестивал на античката драма, единствен во регионот. Треба да се воспостават поинкви политики околу фестивалите, рече Димовски.

Треба да знаете
Последни објави