Search

Трета дебата на демократите, меѓу кои и тројцата фаворити – Бајден, Ворен и Сандерс

На третата дебата вечерва водечките демократи кои остануват во трката дебатираат за успех во номинацијата за претседателски кандидат од Демократската партија, кој ќе му се спротивстави на Доналд Трамп на изборите идната година.

Од десетте кандидати, тројца засега имаат највисок рејтинг кај демократските избирачи – поранешниот американски потпретседател Џо Бајден и сенаторите Елизабет Ворен и Берни Сандерс. Останатите седум кандидати ќе се борат за поефективно изразување на своите ставови со надеж за пораст на нивниот засега едноцифрен рејтинг.

Дебатата ќе биде пренесувана во живо на повеќе национални кабелски телевизии во ударен вечерен термин, освен на „Фокс Њуз”, телевизија што Демократската национална конвенција (ДНЦ) не ја избра како медиумски партнер.

Претходните две дебати, првата во јуни во Мајами, втората при крајот на јули во Детроит, Мичиген, се оддржуваа во текот на две ноќи бидејќи бројот на кандидатите беше по 20 на секоја дебата. Дебатата вечерва во Хјустон, Тексас, ќе биде поинтересна бидејќи првпат учествуваат десет кандидати во една вечер и на една сцена.

За „билет” за учество на третата дебата, кандидатите треба да ги исполнат следните услови – да добијат донации од 130.000 поддржувачи и да имаат најмалку два отсто просечна поддршка добиена од четири анкети одржани низ САД и одобрени од ДНЦ.

Бројни анкети на национално ниво покажуваат тесна разлика меѓу главните претенденти за номинација, додека останатите заостануваат.

Бајден, поранешниот потпретседател од времето на двата мандата на поранешниот претседател Барак Обама и со 36 годишно искуство на сенатор, води со околу 30 отсто поддршка.

Ворен, поранешна професорка по право на Харвард и сенаторка од сојузната држава Масачусетс, и Сандерс, независен демократски социјалист и сенатор од Вермонт, се речиси изедначени во повеќето анкети. Двајцата заостануваат по 10 поени зад Бајден во некои држави, каде има рано гласање.

Сите други кандидати имаат помалку од 10 отсто поддршка на национално ниво.

Треба да знаете
Последни објави