Search

Трамп сака да го купи Гренланд

Претседателот Доналд Трамп сака да го купи Гренланд. За ваквата намера тој во повеќе наврати контактирал со данската влада, а ваквата можност ја разгледувале и советниците во Белата куќа, изјавија два извори за Си-Ен-Ен.

Интересот на Трамп за купување на Гренланд за прв пат го објави „Волстрит журнал“. Весникот објави дека луѓето запознаени со разговорите изјавиле дека претседателот го поставил прашањето за време на состаноци и вечера, прашувајќи помошници и слушајќи сериозно совети за можноста и придобивките од поседувањето на Гренланд. Тој, исто така, побарал мислење и од Советот на Белата куќа да ја истражи оваа работа.

Според медиумите, соработниците на Трамп се поделени по ова прашање, при што некои ја пофалиле идејата како солидна економска стратегија, а други ја отфрлиле.

Гренланд, автономна данска територија, е дом на воздушната база Туле, најсеверната база на американската војска, лоцирана на околу 750 милји над Арктичкиот круг и е изградена во 1951 година. Таа поседува балистички ракетен систем за рано предупредување кој може да предупредува за приближување на интерконтинентални балистички ракети и достигнува илјадници милји до руската територија.

Обидот на Трамп не би бил првиот американски напор за купување на Гренланд. САД наводно се обиделе да го купат Гренланд во 1946 година, а во 1867 година државниот секретар Вилијам Сивард покажал интерес за купување на островот.

Треба да знаете
Последни објави