Search

Трамп: САД ќе бараат отштета од Ирак за повлекување на американските војници

САД ќе бараат отштета од Ирак заради повлекувањето на војниците од нивната територија, изјави американскиот претседател Доналд Трамп во интервју за телевизијата „Фокс”.

Висината на отштетата на која САД ќе инсистираат ќе ги вклучува средствата што американската армија ги потрошила за изградба  на бази, аеродроми и амбасадата.

Трамп дополни дека повиците за повлекување на војниците од Ирак досега биле само јавно кажани, но до овој момент не се испратени и добиени официјални документи со ирачкото барање.

На прашањето како Вашингтон има намера да го обезбеди  обештетувањето Трамп потсети дека Ирак на банкарски сметки во САД чува над 35 милијарди долари.

-Верувам дека тие или ќе платат или овие пари ќе останат во САД, додаде Трамп.

МИА потсетува дека одлуката сите странски војници да ја напуштат територијата на Ирак беше донесена на 5 јануари, на вонредното заседание на ирачакиот Парламент. Седницата следеше по убиството на генералот Касим Сулејмани и уште седум лица, на 3 јануари, во американска воздушна операција со дрон, во близина на аеродормот во Багдад.

Багдад смета дека овој напад ги нарушува условите под кои американските сили се разместени на ирачка територија.

На 6 јануари командантот на ирачките вооружени сили Абдел Керим Халф изјави дека веќе почнала подготовката за повлекување на американските војници од нивната земја.

Треба да знаете
Последни објави