Search

Трамп празниците ги минува осамен во Белата куќа

Блокадата на владата на САД влегува во 12-тиот ден, а претседателот на САД, Доналд Трамп, уште од самиот почеток на кризата е речиси сам во Белата куќа.

Додека неговите соработници отпатуваа на божиќни и новогодишни празници, а неговото семејство престојува во резиденцијата Мар-а-Лаго на Флорида, американскиот претседател сам во големата куќа чекал некој да затропа на врата и да понуди решение за блокадата на владата, пишуваат американските медиуми.

Според информациите, друштво му правело само обезбедувањето, кое, според зборовите на Трамп, и не е многу расположено за дружба.

Барањето на претседателот за изградба на ѕид на границата со Мексико вреден пет милијарди долари Конгресот и натаму не сака да го усвои, поради што има финансиска блокада и парализа на работата на некои државни агенции.

Трамп планирал празниците да ги мине во кругот на семејството, но откако настапи блокадата на 22 декември, сите овие планови требаше да ги заборави и да чека во Белата куќа да се појави некој со решение за проблемот.

Меѓутоа, тоа не се случи и американскиот претседател за време на Божиќ остана сосема сам.

Таа самотија очигледно дека тешко му паднала бидејќи Трамп во првиот состанок на кабинетот повеќе од час и половина им се жалел на своите соработници за тоа како овој Божиќ му бил најлошиот што го памети и дека едвај чекал некој да му прави друштво, пишува „Јутарњи лист“, повикувајќи се на информации од американските медиуми.

„За Божиќ бев сосема сам во Белата куќа, а знаете, ова е многу голема куќа. Немаше никој освен снајперистите. Во еден момент дури и им мавнав, но тие се луѓе кои не сакаат да тераат шега. Не отпоздравуваат, дури не се ни смеат. До последен момент се надевав дека некој ќе дојде и ќе понуди некои преговори, но тоа не се случи“, рекол тој.

Треба да знаете
Последни објави