Search

Трамп најави можна интервенција во случајот со директоката на „Хуавеј“

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека би можел да интервенира во случајот со директорката на кинеската телекомуникациска компанија „Хуавеј“, Менг Ванжу, која беше уапсена во Канада.

Ќе сторам се што е добро за државата“, изјави Трамп во интервју за „Ројтерс“: „Ако мислам дека тоа е добро за нешто кое сигурно ќе биде најголемиот трговски договор некогаш, што е многу важна работа, што е добро за националната безбедност, сигурно ќе интервенирам ако мислам дека е потребно“, рече тој.

Менг (46), е главен финансиски директор на кинескиот производител на мобилни телефони и електронска опрема, а вчера беше ослободена со кауција од 10 милиони канадски долари, но и со многу мерки кои ќе и оневозможат бегство од Канада. Таа ги негира американските обвинувања за измама во врска со наводното кршење на санкциите наметнати врз Иран.

Ванжу е обвинета за користење на подружницата на „Хуавеј“, „Скајком“, за да ги избегне санкциите наметнати кон Иран меѓу 2009 и 2014 година. Таа, наводно, лажно го претставувала „Скајком“ како посебна компанија, а не како подружница на „Хуавеј“.

Апсењето на Менг Ванжу која е ќерка на основачот на „Хуавеј“, Рен Женгфеи, ја налути Кина, која на САД им се закани со уште пожестока трговска војна. Покрај тоа, поранешниот канадски дипломат Мајкл Ковриг е уапсен во Кина по апсењето на Менг, што се толкува како можна одмазда на кинеската влада.

Кинезинката беше уапсена во Канада на 1. декември, а и се заканува екстрадиција во САД. Кина, која тврди дека Менг не прекршила никакви закони, ги повика амбасадорите на САД и Канада и им се закани со сериозни последици ако канадските власти не ја ослободат дирекорката.

 

Треба да знаете
Последни објави