Search

Трамп нареди „Џенерал моторс” да почне да произведува респиратори

Американскиот претседател Доналд Трамп нареди компанијата „Џенерал моторс” да почне да произведува респиратори за заболените од коронавирус, повикувајќи се на Законот за воено производство од Корејската војна.

Тој закон му овозможува на претседателот да ги принуди компаниите во вонредни околности да го приспособат приватниот индустриски сектор за потребите за безбедноста на земјата.

Трамп рече дека „Џенерал моторс” „губи време” и дека е неопходна акција за да се спасат животите на Американците, пренесува Би-Би-Си.

– Денеска потпишав декрет со кој му наредувам на министерот за здравство да се повика на Законот за воено производство и барам од „Џенерал моторс” да се согласат, да изведат и да дадат предност на сојузните договори за респиратори, рече Трамп.

Тој истакна дека таа одлука ќе овозможи брзо производство на респиратори кои ќе спасат животи.

Трамп претходно изјави дека не е потребно да се користи овој закон бидејќи компаниите доброволно се понудиле да помогнат во борбата против ширењето на вирусот.

Меѓутоа, наведе дека, сепак, вирусот земал преголем замав и дека тоа оневозможува договорните постапки да се одвиваат нормално.

Трамп подоцна на Твитер напиша дека „Џенерал моторс” го намалил бројот на респиратори што ветил дека ќе ги испорача – од 40.000 на 6.000 и дека барале поевтини цени.

Треба да знаете
Последни објави