Search

Трамп им рекол на помошниците дека не сака војна со Иран

Американскиот претседате Доналд Трамп, наводно, го информирал секретарот за одбрана, Патрик Шанахан, дека не сака САД да почнат војна со Иран во период на зголемени тензии во регионот на Блискиот Исток, пренесува „Спутник“.

Трамп во средата го покрена прашањето за војна со Исламската Република за време на брифингот за статусот на американските сили на Блискиот Исток, објави во четвртокот „Њујорк тајмс“. Тој, наводно, директно го информирал Шанхан дека не сака конфликт меѓу двете земји.

Веста доаѓа откако Трамп се обиде јавно да ги отфрли извештаите за внатрешни борби меѓу неговиот персонал, вклучително и советникот за национална безбедност, Џон Болтон. „Различни мислења беа изразени, но јас ја носам конечната одлука – тоа е многу едноставен процес”, напиша Трамп на Твитер.

Американскиот претседател изјави дека се надева оти САД нема да војуваат со Иран.

„Вашингтон пост“ во средата објави дека Трамп е фрустиран од своите советници во врска со Иран, велејќи дека тврдокорната политика што ја туркаат Болтон и државниот секретар Мајк Помпео може да доведе до вклучување на САД во војна со Техеран, со што би се прекршило ветувањето од кампањата на Трамп дека ќе избегнува скапи странски војни.

„Тие се залетуваат, а Трамп е вознемирен.Имаше борба за Болтон и Помпео и другите да се најдат на иста бранова должина”, вели висок претставник на администрацијата на Трамп.

Официјалниот претставник додаде дека Трамп сака да разговара со лидерите на Иран и да најде дипломатско решение.

Треба да знаете
Последни објави