Search

Трамп за историското воспоставување дипломатски односи меѓу Израел и ОАЕ: Огромен напредок

Претседателот на САД Доналд Трамп се огласи по објавата дека Израел и Обединетите Арапски Емирати потпишаа мировен договор, изјавувајќи дека станува збор за голем напредок.

„Денеска е постигнат голем напредок. Историски мировен договор меѓу нашите двајца големи пријатели, Израел и Обединетите Арапски Емирати”, напиша Трамп на Твитер.

Договорот потпишан денеска, подразбира целосна нормализација на односите, а токму Трамп беше посредник во постигнувањето договор. Аналитичарите оценуваат дека мировниот договор му носи политички поени на Трамп пред ноемвриските претседателски избори во САД.

ОАЕ се првата заливска земја која тоа го стори и трета арапска која има дипломатски односи со Израел, после Египет и договорот од 1979 и Јордан во 1994 година. Во 1999 годиина и Мавританија го призна Израел, но дипломатските односи ги прекинаа во 2009 година поради војната во Газа.

Веднаш по објавата на Трамп на Твитер, САД, ОАЕ и Израел издадоа заедничко соопштение, во кое најавуваат дека делегации на двете земји во следните недели ќе потпишат договори за директни летови, безбедност, телекомуникации, енергетика, туризам и здравствена грижа.

Според договорот, Израел вети дека ќе го запре суверенитетот врз областите на Западниот Брег што се предмет на анексија.

Во преговорите учествуваа зетот на Трамп и постар советник Џаред Кушнер, американскиот амбасадор во Израел Дејвид Фридман и претставникот за Блискиот исток Ави Берковиќ, како и државниот секретар на САД, Мајк Помпео и советникот за национална безбедност на Белата куќа, Роберт О’Брајан.

„Овој историски дипломатски чекор напред ќе придонесе за мирот на Блискиот исток и е сведоштво за дипломатијата и визијата на тројцата лидери и храброста на Обединетите Арапски Емирати и Израел да започнат нов пат што ќе ја отвори вратата за големиот потенцијал на регионот”, се вели во соопштението на Белата куќа.

Договорот предвидува, исто така, давање поголем пристап на муслиманите  до џамијата Ал Акса во Стариот град Ерусалим, како и можност за летови од Абу Даби кон Тел Авив, но исто така, Обединетите Арапски Емирати и Израел ќе ја прошират и забрзаат соработката во лекувањето и развојот на вакцина против новата коронавирус.

Треба да знаете
Последни објави