Search

Трамп го тужи „Њујорк Тајмс”

Изборниот штаб на американскиот претседател Доналд Трамп поднесе тужба против „Њујорк Тајмс” поради, како што се наведува, намерно објавување лажна сторија минатата година во врска со истрагата за мешање на Русија во изборите во САД во 2016 година.

Во тужбата се наведува дека „Тајмс” објавил лага дека изборниот штаб на Трамп имал „сеопфатен договор” со „олигархијата на Владимир Путин” за да го победи демократскиот кандидат.

Весникот е обвинет дека во напис од март 2019 година под наслов „Вистинскиот Трамп – Русија Quid Pro Quo” од Макс Франкел, навел дека во договорот е барана помош во кампањата против Хилари Клинтон за нова проруска надворешна политика.

Франкел беше извршен уредник на „Тајмс” од 1986 до 1994 година.

Во тужбата се вели дека новинарите на „Тајмс” ја потврдиле невистиноста на изјавите, но весникот сепак ги објавил поради својата „екстремна пристрасност и непријателство кон кампањата и решеноста на Тајмс неправилно да влијае на претседателските избори во ноември 2020 година”.

На прашање за судската постапка на прес-конференцијата во Белата куќа, Трамп рече дека „Тајмс” „многу грешел во последните неколку години” додавајќи дека ќе има уште тужби.

Треба да знаете
Последни објави