Search

Токио го повика на разговор амбасадорот на Јужна Кореја

Јапонскиот министер за надворешни работи го повика денес на разговор амбасадорот на Јужна Кореја и го обвини Сеул за кршење на меѓународното право, бидејќи одби да се приклучи на арбитражната комисија за решавање на спорот околу принудната работа за време на Втората светска војна.

Јужна Кореја требаше до полноќ да одговори на барањето на Јапонија за панел на три земји, објави АП.

Двете земји се во спор поради одлуките на судовите од Јужна Кореја, кои им наредија на јапонските компании да им платат надоместок на жртвите на принудна работа за време на јапонската колонијална власт на Корејскиот Полуостров од 1910 до 1945 година.

Шефот на јапонската дипломатија Таро Коно рече дека Јапонија ќе ги „преземе неопходните мерки” против Сеул ако се загрозени интересите на јапонските компании.

Тој побара од Сеул да преземе итни чекори за запирање на судењето, според кое се подготвуваат тужби за запленување на имотот на јапонските компании, вклучувајќи го и „Мицубиши“.

Јапонија смета дека сите прашања поврзани со компензацијата се решени според билатералниот договор од 1965 година и дека изостанувањето на интервенцијата на јужнокорејската влада да го прекине судскиот процес е прекршување на меѓународен договор.

Треба да знаете
Последни објави