Search

„Титаник“: Членови на ВМРО-ДПМНЕ сведочат дека донирале пари за партијата

На денешното рочиште за случајот „Титаник”, кој и понатаму е во фаза на доказна постапка, односно презентација на сведоците од обвинителство, сведочеше поранешна членка на ВМРО-ДПМНЕ, од Штип, која призна дека донирала средства за партијата.

-Средствата од членарината ги собиравме организирано. Некој средства ги имам платено во Кочани, другите во Штип. Личната членарина беше меѓу 300 и 500 денари, но не мора да значи дека тоа е толку, рече сведокот од Штип.

Воедно, сведокот истакна дека во нејзино име се платени и средства и од други членови.

Друг сведок од обвинителството, по професија наставик од Охрид, посочи дека во четири или пет наврати уплатил донација во име на партијата.

-Еднаш имам платено 10, потоа 13, 30 и еднаш имам платено 15 или 18 илјади денари како донација. Првата донација колку што памтам беше во 2013 година, изјави сведокот.

Сведок од Битола, пак, истакна дека од лична желба донирал средства за партијата ВМРО-ДПМНЕ. Тоа, според него обично го правел пред избори.

– Најголема сума што сум ја уплатил колку што памтам е околу 13 илјади денари, рече сведокот.

Судскиот предмет за незаконско финасирање на ВМРО-ДПМНЕ, го води судијата Осман Шабани, додека обвинението го застапува обвинителката Лиле Стефанова.

Меѓу другото, во отсуство во Кривичниот суд Скопје, за овој предмет како прво осомничен му се суди и на Никола Груевски, кој моментално е во бегство во Унгарија.

Треба да знаете
Последни објави