Search

Тимоние: ЕУ од Македонија бара стабилна Влада и цврсто лидерство

Во најкраток можен рок Македонија да добие стабилна и ефикасна влада со комплетен демократски легитимитет, порачува амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, во интервју за весникот ВЕЧЕР.

Кога дојдов во Македонија ми рекоа дека ќе бидам или премногу спокоен или премногу зафатен амбасадор, вели амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние, во интервју за весникот ВЕЧЕР, еден месец пред завршувањето на неговиот мандат и заминувањето од Македонија. Во интервјуто тој зборува за актуелната политичка ситуација во земјава, изборите и формирањето Влада, како и за новата методологија и преговарачката рамка за Македонија со ЕУ. Неизбежна тема е и пандемијата од ковид-19, како и затворањето на границите, што според францускиот амбасадор е несреќна, но неизбежна опција. Амбасадорот Тимоние вели дека по заминувањето од Македонија најмногу ќе му недостасуваат пријателите што ги стекнал тука, но порачува дека ќе доаѓа да ги посетува омилените места во земјава и ќе следи како се применуваат препораките на УНЕСКО за зачувување на Охридското Езеро.

-Конечниот договор меѓу политичките партии за датумот на предвремените избори, овозможи да се влезе во нов период, да се конституира новиот парламент и да се пристапи кон многуочекуваното формирање влада, која несомнено ќе биде одговорна да ги спроведе првите чекори на земјата низ преговорите за пристапување кон ЕУ. Одржувањето на изборите во фер услови, како во поглед на конкурентноста, така и на техничката организација, каде што партиите успеаја потполно да ги претстават своите програмски цели додека се наоѓаме во период на една исклучителна пандемија, е постигнување што треба да се поздрави. Тоа е всушност потврда за поволниот развој на настаните од 2016 година наваму. Сепак, одредени забелешки на ОДИХР и на ОБСЕ, заслужуваат да бидат земени во предвид, особено во однос на менувањето на регулативата во период непосредно пред изборите. Покрај тоа, обвинувањата за финансиски притисок врз одредени ранливи категории или купување гласови, мора да бидат документирани или проверени за да не остават дамка врз резултатите, за истите да бидат неспорни имајќи предвид дека станува збор за тесен изборен резултат. Според сите демократски стандарди, без разлика дали се работи за клевета или за вистина, во двата случаи тоа е неприфатливо. Од друга страна, не можеме да не бидеме загрижени пред зголемувањето на бројот на т.н. „бомби“ како регулатори на политичкиот живот, додека многумина се жалат, а тоа е случај и кај нас во Франција, на недостаток од демократија во партиски рамки. Конечно, сајбер-нападите, кои го одбележаа објавувањето на резултатите, покренуваат едно основно прашање, како овде така и во други земји, за ефикасноста на заштитата на изборите од вакви манипулации или надворешни интервенции, вели меѓудругото Тимоние.

 

Треба да знаете
Последни објави