Search

Тимерманс: Да не беше толку сериозно, унгарската анти-ЕУ кампања ќе беше смешна

Потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс, остро ја осуди последната кампања на унгарската Влада во која се појавуваат слики од претседателот на Еврокомисијата, Јункер со милијардерот Џорџ Сорос, јави дописничката на МИА од Брисел.

Во кампањата, лансирана денеска во Унгарија, се тврди дека Европската комисија сака на земјите членки на сила да им „наметне” мигрантски квоти и хуманитарни визи за бегалци и да ја ослаби заштитата на границите во ЕУ.

Европската комисија преку својот портпарол оваа кампања ја нарече чиста дезинформација и потсети дека доделувањето хуманитарни визи е строго национална надлежност и ЕУ не може да наметне такво нешто.

По завршувањето на заседанието на Советот за општи работи на ЕУ, на чиј дневен ред беа токму Унгарија и процедурата за суспендирање на нејзиното право на глас поради кршење на владеењето на правото, како и борбата против лажните вести, Тимерманс попладнево изјави дека денеска два пати го прашал унгарскиот претставник да ја разјасни оваа „информативна” кампања во која се клевети Јункер, но не добил одговор од властите во Будимпешта.

– Иронично е и ова би бил добар виц, да не беше толку сериозно, што на денот кога Советот дискутира за борбата против дезинформациите гледаме на официјален веб сајт на Владата слика на Јункер со приватно лице и наведено нешто што нема никаква врска со реалноста. Ова е речиси рамно на Монти Пајтон, да не беше толку сериозно, изјави Тимерманс пред новинарите.

Тој ги разјасни деталите кои се сметаат за лага во оваа унгарска кампања.

– Прво се преправаат дека не се дел од ЕУ, па потоа наведуваат нешто што нема врска со вистината дека можеме да ја ослабиме заштитата на границите. Деноноќно работиме да ги засилиме границите, побргу работиме од која било земја членка, земјите ни велат да забавиме со темпото, изјави Тимерманс.

Тој остро ги отфрли и наводите за хуманитарните визи и потсети дека ЕУ нема никаква одлучувачка моќ во оваа сфера, иако, како што реќе, „би било прекрасно Унгарија да издава хуманитарни визи”.

– Претседателот на Европската комисија, кој работи за сите земји членки, не заслужѕва да биде третиран на ваков начин од страна на владите, изјави Тимерманс.

Европската комисија планира до јуни оваа година да презентира нови идеи за зајакнување на мониторингот на владеењето на правото во земјите членки, во контекст на сѐ почесто и посилно негово нарушување во некои членки, како Полска, Унгарија и Романија.

– Ќе имаме силен одговор за тоа како најдобро да се искористат алатките за зајакнување на владеењето на правото, објасни еврокомесарот.

Тој смета дека системски инструмент за проверка во ЕУ ќе биде и најдобар начин да се избегнат критиките на земјите членки кои сметаат дека се единствени на тапет.

– Зошто само ние, зошто не таа земја, велат земјите. Да имаме посистемски поглед врз владеењето на правото може да биде од помош да се избегне впечатокот дека само одредени земји се под лупа, додаде потпретседателот на Еврокомисијата.

Белгискиот министер за надворешни работи, Дидие Рејндерс, предложи контролата да се врши преку т.н. систем на реценција, односно земјите членки да вршат контрола едни врз други, но Тимерманс порача дека во јуни Еврокомисијата ќе излезе со свој предлог, за кој ќе оцени дека е најефикасен. 

Треба да знаете
Последни објави