Search

Техан: ЕУ по вторпат го одложи продолжението на трговските преговори со Австралија

Австралискиот министер за трговија, Ден Техан, денеска изјави дека Европската унија по вторпат ја одложи новата рунда преговори за потенцијалниот договор за слободна трговија, во услови на затегнати односи откако Канбера го откажа договорот со Франција вреден 40 милијарди долари.

Претставници на ЕУ немаа денеска коментар на забелешката на австралискиот министер.

Австралија во септември го откажа договорот со француската „Naval Group” за снабдување со конвенционални подморници и место тоа ќе изгради најмалку осум подморници со нуклеарен погон користејќи американска и британска технологија, откако трите земји склучија трилатерално партнерство за безбедност AUKUS.

Повлекувањето од договорот ја налути Франција, која ги обвини Австралија и САД дека и забиле нож во грб. Париз ги отповика своите амбасадори од Канбера и Вашингтон.

Во знак на солидарност со Франција, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го доведе во прашање трговскиот договор со Австралија.

Австралискиот министер за трговија Техан денеска кажа дека 12-от круг преговори со ЕУ е одложен по втор пат, овој пат до февруари 2022 година. Последниот пат преговорите беа преместени за ноември.

-ЕУ ја извести австралиската Влада дека 12-та рунда преговори за слободна трговија ќе се одржи во февруари, изјави Техан за британските медиуми.

Ваквиот развој на настаните дојде неколку недели откако Техан за британските медиуми изјави дека очекува трговскиот договор со Унијата да биде склучен до крајот на следната година.

Австралија во последните недели работи на подобрување на односите со ЕУ и Франција, назначувајќи висок помошник на премиерот, Скот Морисон, за пратеник во Унијата.

Францускиот амбасадор во Австралија неделава се врати во Канбера со намера да ги оцени австралиските изјави за посветеност за поправање на односите.

Треба да знаете
Последни објави