Search

Тензично во Бања Лука, уапсен пратеникот Драшко Станивуковиќ

Драшко Станивуковиќ, пратеник во Националното собрание на Република Српска, за кого пред неколку дена властите распишаа и потерница, е уапсен вечерва во Бања Лука, објави телевизијата Н1.

„Кликс.ба“, пак, наведува дека тој бил уапсен откако запалил свеќа заедно со мајката на убиениот, Давид Драгичевиќ. Во Бања Лука вечерва мајката на Давид, Сузана, заедно со граѓаните на Бања Лука се собраа пред Соборниот храм во градот да запалат свеќа за младиот Давид.

Станивуковиќ минатата недела за време на протестите во градот, беше уапсен два пати, а по неговото ослободување тој неколку пати и се обраќаше на јавноста преку социјалните мрежи.

Градоначалникот на Бања Лука, Игор Радојчиќ, пак, денеска најави дека градот најверојатно ќе влезе во судски спор против организаторите на собирите „Правда за Давид”. На 30-ти декември, организаторите спречија да се одржат новогодишните концерти во Бања Лука, и со тоа беше предизвикана значителна материјална штета, рече Радојчиќ.

Тој посочи дека градските власти добиле бројни поплаки од угостители и сопственици на хотели, бидејќи биле откажани голем број посети на туристи на Бања Лука.

Собирите „Правда за Давид“ се одржуваат веќе девет месеци, а претходнава недела револт предизвика апсењето на таткото на Давид, Давор Драгичевиќ, кој следниот ден беше ослободен. На социјаната мрежа „Фејсбук“ на групата „Правда за Давид“ беше објавено дека меѓу приведените бил и Давор Драгичевиќ, таткото на Давид, кој сè уште не е познато каде се наоѓа.

Граѓаните бараат од властите да го открие и уапси неговиот убиец, додека од полицијата посочија дека со првичната истрага утврдено било дека смртта настанала поради давење, но без елементи на кривично дело. По што по неколку месеци, тамошното Јавно обвинителство донесе наредба да се покрене истрага против непознати сторители поради основано сомнение за убиство.

Треба да знаете
Последни објави