Search

Температури над 40 степени во Сибир, наезда на крлежи и голем број шумски пожари

Вистински топлотен удар го погоди Сибир, а според жителите во овој руски регион воопшто не се почувствувала пролетта, туку летото пристигнало веднаш по зимата.

Во текот на мај се соборени апсолутни рекорди на температурата, а жителите беа принудени да останат дома за да избегнат ширење на коронавирусот. Фактот дека дури 41 степен се забележани на патеките на Алтајските Планини зборува многу за тоа колку е топло.

Во западните делови на Сибир се измерени температури што се движат од 25 до 35 Целзиусови степени, што е многу повисоко од просекот во овој период од годината. Сепак, и покрај пандемијата на коронавирусот, некои одлучиле да одат на река или езеро за да побараат спас и малку да се оладат од тропските температури.

Високите температури создадоа целосен хаос во природата. Наездата на крлежи е дури 200 пати поголема од нормалната, а повеќе од 1.000 лица се пожалија на каснувања од инсекти кои пренесуваат енцефалитис и Лајмска болест.

Исто така, рекорден број шумски пожари се регистрирани во Сибир, а повеќе од 100 куќи и два милиона хектари беа уништени од огнената стихија до крајот на април.

Земјоделците стравуваат дека таквата висока температура драстично ќе влијае на приносите. Јаболката и црешите обично цветаат на крајот на мај, но веќе процветале на крајот на април.

„Како да нема пролет и веднаш се префрливме од зимата со неколку метри снег во летото. Се чини како некој да го вклучи прекинувачот за топол воздух на крајот на април и почна летото. Не се сеќавам да сме имале ваква пролет“, изјави новинарот Сергеј Зубчук за „Сибирски тајмс“, пренесува „Дејли мејл“.

Според метеоролозите, високи температури (околу 30 степени) се очекуваат во наредните денови во западен Сибир и Арктичкиот Круг, многу повисоки од вообичаеното. Експертите посочуваат дека температурата на територијата е шест степени повисока во првите четири месеци од 2020 година од просечната.

Треба да знаете
Последни објави