Search

Претседателот Пендаровски изрази жалење што поради пандемијата не се реализира посетата на Ватикан

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, денеска оствари телефонски разговор со поглаварот на Римокатоличката црква, Неговата Светост Папата Франциск.

Заблагодарувајќи се за можноста за реализација на телефонскиот разговор со Папата Франциск, претседателот Пендаровски изрази жалење што поради пандемијата на КОВИД-19 не се реализираше неговата посета на Ватикан по повод чествувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј и не беше остварена средбата со Неговата Светост.

Во телефонскиот разговор беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Светиот Престол, кои се пријателски и се базираат врз значајни историски врски, споделени духовни и културни вредности и традиции.

Истакнувајќи ја историската важност на минатогодишната посета на Папата Франциск на Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски посочи на интересот на нашата држава за продлабочување на врските со Светиот Престол во сите сфери од заемен интерес. Во тој контекст претседателот Пендаровски го истакна придонесот на католичката заедница во Северна Македонија како во градењето на односите со Светиот Престол така и во севкупните меѓу-религиски односи во земјата.

Покрај останатото, двајцата соговорници разменија информации за актуелната состојба поврзана со пандемијата на КОВИД-19. Претседателот Пендаровски оддаде признание за улогата на Папата Франциск во охрабрување на луѓето и нациите и поттикнувањето на солидарноста како клучен елемент за заедничка борба против пандемијата и последиците од неа.

Претседателот Пендаровски го истакна и големиот придонес на Неговата Светост за глобалните прашања што нè засегаат сите, како што се мирот, борбата против сиромаштијата, хуманото постапување со бегалците и мигрантите, климатските промени и животната средина.

Треба да знаете
Последни објави