Search

Тевдовски: Се дигитализираат сите процеси за подобрување на услугите на УЈП и Царината

Министерството за финансии соопшти дека заедно со Управата за јавни приходи и Царинската управа минатата година работеле на дигитализација на процесите, со цел подобрување на услугите за граѓаните и фирмите.

„Управата за јавни приходи направи Модул за автоматски поврат и пребивање даноци кон сите даночни обврзници. Главната цел е прецизно и навремено извршување на повратот и пребивањето даноци кон даночните обврзници“, информира министерот за финансии, Драган Тевдовски.

Модулот за автоматски поврат и пребивање ќе стартува во текот на оваа година.

Паралелно, во насока на подобрување на услугите за фирмите, минатата година Министерството заедно со Царинската управа работеше и на Системот за управување со царински декларации, додаваат од Министерството. Системот за управување со царински декларации на почетокот на февруари ќе почне да се применува на 11 пилот-проект царински испостави, а веќе од средината на годината ќе почне да се применува во сите царински испостави во земјава.

„На овој начин, за фирмите, значително се скратуваат трошоците и се намалува времето во подготовка и поднесување на документите. Сите документи ќе се поднесуваат електронски од која било точка во која било царинска испостава. Наша цел е да се автоматизираат процесите и со тоа  да им се понудат подобри услуги и на граѓаните и на компаниите“, вели Тевдовски.

Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи ќе овозможи и размена на податоците со другите институции, како на пример, со Управата за јавни приходи при поднесување ДДВ пријави кон кои се поднесуваат царински декларации или со Заводот за статистика и Народна банка за податоци за увоз и извоз.

Треба да знаете
Последни објави