Search

Тевдовски: Наплатата на персоналецот повисока од очекувањата

Целите поради кои беше донесена даночната реформа се реализираат, рече министерот за финансии, Драган Тевдовски, на јавната дискусија организирана од „Фајненс тинк“ и истакна дека е подобрена наплатата на данокот на личен доход, со што се обезбедуваат средства за социјалната реформа и се врши редистрибуција на доходот за намалување на нееднаквоста и сиромаштијата.

„Во првите 5 месеци од годинава наплатата на данокот на личен доход е за 17,4% поголема во однос на лани. Ова ги надминува нашите очекувања, кои беа дека по воведување на праведниот данок, наплатата ќе биде за околу 8% повисока. Истовремено, почна исплатата на гарантиран минимален приход за над 25.000 семејства, што за овие семејства значи многу повеќе средства и намалување на сиромаштијата“, вели Тевдовски.

Тој посочи дека истовремено економијата е во одлична кондиција, односно дека од почетокот на годината има одлични економски остварувања. Бројот на вработени во првото тримесечје од 2019 година е зголемен за 17.000 лица, рече Тевдовски. Невработеноста во првото тримесечје 2019 е сведена на најниско ниво од спроведување на анкетата на работна сила, или 17,8%, што е за 1,6 п.п. на пониско ниво во однос на последното тримесечје од 2018 година. Иако пред воведувањето на праведниот данок во јавноста беше изразена загриженост дека праведното оданочување ќе ја намали вработеноста, се случи сосема спротивното, за само едно тримесечје бројот на вработени е зголемен за 17.000 лица, вели Тевдовски.

„Не само што имаме сериозен раст кај вкупниот број вработени, туку има и раст на вработеноста кај младите од 15 до 24 години. Во првото тримесечје од 2019 година имаме раст на вработеноста кај младите за 6000 лица во споредба со последното тримесечје од 2018 година“, рече Тевдовски.

Просечната нето-плата во првото тримесечје од 2019 година е зголемена за 3,4% во споредба со првото тримесечје од 2018 година, посочи министерот. Растот на платите од 3,4% во првото тримесечје е повисок од просекот од последните седум години, рече тој.

„Просечната плата на програмерите во првото тримесечје од 2019 година е зголемена за 5,5% во споредба со првото тримесечје од 2018 година. Бројот на вработени во дејноста Информации и комуникации, исто така е зголемен. Во првото тримесечје на 2019 година во овој сектор има за 1.500 лица повеќе вработени во споредба со последното тримесечје на 2018 година (или за 5.000 во однос на истиот период лани). Кога дебатиравме за воведување на праведното оданочување имаше стравувања токму од овој сектор дека ќе има намалување на платите и на бројот на вработени, бидејќи овој сектор беше најблиску до границата за прогресивната даночна стапка. Сепак, се случи токму спротивното и имаме позитивни резултати и тука“, вели Тевдовски.

Тој посочи дека земјата има навистина солидни остварувања и во реалниот сектор од почетокот на годинава. Индустриското производство во периодот јануари-април 2019 е повисоко за 7,9% во споредба со истиот период минатата година. Извозот на стоки и услуги во периодот јануари-април 2019 е повисок за 15% во споредба со истиот период минатата година. Инаку, просечната стапка на раст на извозот во последните 7 години изнесува 9,2%. Ова е спротивно на некои мислења кои претходно постоеја во јавноста дека прогресивното оданочување ќе му наштети на бизнисот, рече Тевдовски.

„Целосниот економски резултат, односно растот на БДП во првото тримесечје изнесува 4,1% и претставува навистина добро остварување. Што е спротивно на тврдењата дека праведното оданочување ќе го блокира економскиот раст“, посочи министерот.

Треба да знаете
Последни објави