Search

Тајли: Ѓоковиќ не сака да ризикува да не игра во Мелбурн

Крег Тајли, директорот на Австралија опен, даде индиции дека Новак Ѓоковиќ би можел да се појави во Мелбурн. Тој во разговор за „СЕН радио“ вели дека сè уште се надева дека светскиот рекет број еден ќе учествува на првиот Грен слем следната година.

Тајли, кој пред неколку дена најави дека услов за настап на турнирот во Мелбурн парк ќе биде тенисерите да се вакцинирани против ковид-19, смета дека Србинот не сака да го пропушти големиот настан.

– Тој не го сподели својот медицински статус со никого. Тој верува дека тоа е длабоко приватна работа и дека луѓето треба да имаат избор. Новак освои девет титули на Австралија Опен и сигурен сум дека сака десетта. Има 20 слемови како Рафа Надал и Рожер Федерер. Мислам дека Новак нема да сака да го остави тој рекорд на некој друг. Едно е сигурно, доколку игра тука во јануари, тоа значи дека е вакциниран – рече Тајли.

Тајли напомена дека 85% од тенисерите биле вакцинирани и дека очекува таа бројка да биде помеѓу 95 и 100% во јануари.

„Имаме голема улога во тоа бидејќи вакцинацијата ја ставаме како услов за играње во Австралија – вели Тајли.

Што се однесува до турнирите пред „Австралија опен“, се почнува на првиот ден од јануари, во Сиднеј, каде ќе се игра АТП купот. Во Мелбурн ќе се организираат три турнири, два за тенисерки и еден за тенисери, во периодот од 3 до 9 јануари. Австралија опен ќе се одржува од 17 до 30 јануари 2022 година.

Треба да знаете
Последни објави