Search

Тачи со амбасадорите на „Квинта” разговара за плановите за формирање нова влада на Косово

Претседателот на Косово Хашим Тачи се сретна денеска со амбасадорите на Соединетите Американски Држави, Франција, Германија, Италија, Обединетото Кралство и на Еропската унија во Приштина, кои ги информира за чекорите кои планира да ги преземе по минатонеделното изгласување недоверба на Владата на Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според соопштението од претседателскиот кабинет, Тачи на средбата со дипломатските претставници на ЕУ и на петте најмоќни држави акредитирани во Косово, познато како група “Квинта”, нагласи дека ќе ги преземе сите дејствија кои се во негова надлежност,согласно Уставот на државата.

– По разрешувањето на Владата од старна на Собранието на Косово, на 25 март, ќе преземам чекори кои се секогаш во согласност со Уставот на Косово, со законите на Косово и со задачите како претседател на Република Косово, се цитира Тачи во соопштението по средбата со амбасадорите.

Тој најави дека во текот на оваа недела ќе има консултации со сите парламентарни партии, за да ги слушне нивните сугестии и совети за тоа кој „пат треба да се следи”, а потоа, како претседател на државата ќе се одлучи за „најдобрата опција за излез од ситуацијата” во која се најде земјата по изгласувањето недоверба на Владата.

– Претседателот на државата нагласи дека Косово има потреба од влада која ќе донесе стабилност, што поголемо политичко и граѓанско единство и која ќе биде сеопфатна и со јасна евроатлантска ориентација, се вели во соопштението.

Тачи и претходно, во четвртокот најави дека ќе ги започне консултациите со парламентарните партии со цел да се формира нова влада откако ден претходно беше изгласана недоверба на кабинетот на Курти. Меѓутоа, од партијата на Курти, Движењето Самоопределување, порачаа дека нема да одговорат на барањето на Тачи за номинирање кандидат за премиер и дека очекуваат, веднаш по надминувањето на кризата предизвикана од епидемијата на коронавирусот, да бидат распишани нови парламентарни ибори.

Треба да знаете
Последни објави