Search

Тачи: Негирањето на српскиот геноцид врз Албанците е исто како и негирањето на Холокаустот

 Косовскиот претседател Хашим Тачи порача денеска дека негирањето на геноцидот што српските сили го извршија врз Албанците во Косово е исто како да се негира дека нацистичката држава на Адолф Хитлер го извршила Холокаустот во Втората светска војна, јави дописникот на МИА од Приштина.

Единствената разлика меѓу Холокаустот и српските злосторства во Косово, според Тачи, е во тоа што злосторствата на нацистите беа казнети, додека „злосторствата на Србија поминуваат без осуда од страна на меѓународната заедница”.

– Челниците на Србија се трудат пред светот да ги негираат злосторствата врз Албанците, етничкото чистење и геноцидот кој го изврши војската на Србија во Косово. Да се негира српскиот геноцид врз Албанците во Косово е исто како да се негира Холокаустот на нацизмот на Хитлер. Има само една разлика: холокаустот беше осуден, додека злосторствата на Србија поминуваат без осуда од страна на меѓународната заедница, напиша Тачи на неговата страница на Фејсбук.

Пораката на косовскиот претседател е одговор на реакциите на Белград по разрешувањето на министерот за администрација и локална самоуправа во Владата на Косово, Иван Теодосијевиќ.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај го разреши Теодосијевиќ поради тоа што, на одбележувањето на годишнината од бомбардирањето на НАТО врз Србија, освен што изрече навреди на сметка на косовските Албанци, изјави дека масакрот на 45 цивили Албанци во селото Речак од страна на српските сили во јануари 1999 година, било „измислица”.

Српските челници, меѓу кои и претседателот на државата Александар Вучиќ, реагираа дека Теодосијевиќ, кој доаѓа од партијата на косовските Срби, Српска листа, која официјален Белград јавно ја поддржува, не требало да биде сменет, затоа што, според нив, „ја зборувал вистината”.

Таквиот однос на Белград, според косовскиот претседател Тачи, „воопшто не придонесува за нормализација на односи и помирувањето меѓу двете држави”.

Владата на Харадинај на својата последна седница, минатиот четврток, на 11 април, донесе одлука да се пристапи кон изготвување на закон со кој ќе се казнува негирањето на воените злосторства од страна на Србија во војната од 1998-99 година

Треба да знаете
Последни објави