Search

Тачи в понеделник заминува за Хаг на интервју во Специјалното обвинителство за Косово

Претседателот на Косово Хашим Тачи информира вечерва дека идниот понеделник, на 13 јули, ќе отпатува за Хаг, каде што е повикан од тамошното Специјално обвинителство, на распит во врска со обвинението што е подигнато против него пред Специјалниот суд за Косово за злосторства во војната од 1998-99 година, јави дописникот на МИА од Приштина.

Откако на 24 јуни беше објавено дека пред Специјалните комори за Косово, како што е официјалниот назив на судот кој треба да ги испита евентуалните злосторства на Ослободителната војска на Косово (ОВК) против цивилите Албанци, Срби, Роми и други во последната војна, Тачи вечерва преку својата страница на Фејсбук информира дека ја добил поканата за интервју и дека идниот понеделник ќе отпатува за Хаг.

– Почитувани граѓани на Република Косово. Дозволете ми да споделам со вас дека в понеделник ќе отпатувам за Хаг, на интервју на покана од Специјалното обвинителство, напиша Тачи, повикувајќи ги косовските граѓани на „единство за да се надминат предизвиците со кои се соочува земјата”.

Тој напомена дека „во последните две децении многу припадници на ОВК се соочија со меѓународната правда на УНМИК, Хашкиот трибунал за поранешна Јуославија, ЕУЛЕКС и домашната правда”, нагласувајќи дека „Косово, иако жртва (во последната војна) соработуваше со сите правни органи кои ги третираа претензиите за воените злосторства”.

– Граѓанското единство, меѓуетничкиот соживот, институционалната стабилност и вербата во институциите се неопходни за Косово да ја оствари визијата за да биде дел од НАТО, Европската унија и да го зачува вечното пријателство со Соединетите Американски Држави, порача Тачи.

Откако беше објавено дека против него, против лидерот на Демократската партија на Косово (ПДК) и поранешен собраниски спикер Кадри Весели, како и против неколку други основачи и водачи на некогашната ОВК се покренати обвиненија за воени злосторства, Тачи најави дека ќе поднесе оставка од функцијата претседател на Решублика Косово доколку обвинението се потврди.

Тачи, Весели и другите обвинети се сомничат дека се виновни, меѓу другото, за убиството на над 100 цивили од разни националности за време и непосредно по војната во Ксоово од 1998-99 година.

Треба да знаете
Последни објави