Search

Тахири: Во текот на 2019 година ќе започне да се запленува незаконски стекнатиот имот на функционерите

Министерот за правда на Косово Абељард Тахири изрази уверување дека во текот на 2019 година ќе започне да се запленува незаконски стекнатиот имот на функционерите и ќе се разбијат криминалните групи , јави дописникот на МИА од Приштина.

Тахири вели дека се подобрени законите во правниот систем и дека од моментот кога ќе стапат на сила, што се очекува да се случи мошне бргу со нивното објавување во „Службен весник”, судиите и обвинителите ќе ги имаат на располагање инструментите за борба против корупцијата и заплена на незаконски стекнатиот имот.

– Верувам дека идната година ќе биде посилна во борбата против овие појави, бидејќи се зголемени капацитетите во судството и обвинителството и извршивме унапредување на законите, изјави Тахири за порталот „Економиа Онлајн”.

Тој најави дека негов приоритет во идната година ќе биде заплената на имотите кои се незаконски стекнати.

– Годината 2019 ќе биде година во која ќе покажеме успех во конфискувањето на незаконскиот имот и во разбивањето на криминалните групи кои се занимаваа со рекет и каматарење, изјави Тахири.

Косовскиот министер за правда вели дека Владата го исполнила и последниот услов за визна либералзација, а тоа е борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Треба да знаете
Последни објави