Search

Талир: Силјан Мицевски му дал на Груевски 10.000 евра на рака, а платил 70.000 евра МЗТ

Битолскиот бизнисмен, Силјан Мицевски на денешното сведочење во предметот „Талир”, во кој е обвинето поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ поради незаконско финансирање и перење пари, рече дека бил рекетиран откако ќе добиел тендер за ЕЛЕМ, објави СДК.мк.

Според него, од повисоките ешалони од власта кои се јавувале како инвеститори во добиените тендери влијаеле и барале од него да земе подизведувачи- помали компании кои барале работа во владата.

-По наредба на премиерот или генералниот секретар на Владата се случувало да ми кажат: ‘Земете го тој и тој подизведувач’. Кирил Божиновски ми дал таква сугестија. Ми кажал на пример да го вклучам ‘Трансмет’ за ископ во Битола”, одговараше под заклетва Мицевски.

На прашање дали некогаш донирал во ВМРО-ДПМНЕ, тој одговори:

-Да, лично сум однел 10.000 евра кај премиерот Никола Груевски. Одамна беше тоа. За ВМРО-ДПМНЕ и индиректно сме донирале, за избори. Сме дале и на кошаркарскиот клуб МЗТ околу 70.000 евра. Требаше да платат некоја котизација за да не ги избришат од лигата и јас платив. Плативме не по наша иницијатива, туку по барање на одредени луѓе од партијата- Еднаш Влатко Чинговски, кој беше директор на ЕЛЕМ, ми има дадено писмо и фактури за плаќање, другпат Кирил Божиновски, имало и други што доаѓале, седеа кај секретарката, не ги познаам сите. Барањата за спонзорства, плаќања се случуваа во просториите на Владата, во РЕК кај генералниот директор и на други места, сведочеше Мицевски.

Освен поранешниот премиер, Никола Груевски, кој се товари за Злоупотреба на службената положба и овластување и за Перење пари и други приноси од казниво дело, обвинети се и Кирил Божиновски и Миле Јанакиески, кој е во куќен притвор.

Илија Димовски и Леко Ристоски се обвинети за Перење пари и други приноси. Обвинета беше и Елизабета Чингаровска, која призна вина. И партијата ВМРО-ДПМНЕ како правно лице е обвинета за Перење пари и други приноси.

На почетокот на судењето обвинетите и одбраната побараа судот да ги тргне бомбите како докази, бидејќи според новиот закон за јавно обвинителство, тие може да служат само како индиции.

Треба да знаете
Последни објави