Search

Таки Фити: Ставот БАН за македонскиот јазик не го поддржуваат сите бугарски академици 

Актуелниот претседател на МАНУ Таки Фити денеска изјави дека ќе разговараат со колегите од Бугарската академија на науките (БАН) околу нивниот став дека Повелбата за македонскиот јазик содржи неточни и неприфатливи позиции и во која е наведено дека офоицијалниот јазик во Република Северна Македонија е пишано-регионален стандард на бугарскиот јазик.

Тој денеска во изјава за медиумите посочи дека има информации оти не сите академици на БАН го поддржале ставот со кој излезе Бугарската академија.

– Имаме одлични односи со Бугарската академија. Тој документ излезе таков каков што излезе, но јас имам и други информации дека не сите академици на БАН го поддржале тоа. Тука има инволвирање на државната бугарска политика во овие работи, што не е во ред. Нема да ги расипеме односите со БАН, ќе разговараме, ние сме се договориле дека нема прашања за кои не може да разговараме, дури и за најсензитивните, изјави денеска академик Фити пред почетокот на одбележувањето на 100-годишнината од раѓањето на академик Ксенте Богоев.

Академик Фити рече дека ќе се консултира со луѓето кои се задолжени за лингвистика, по што најверојатно ќе излезат со заеднички став.

Бугарската академија на науките (БАН) смета дека Повелбата за македонскиот јазик што ја усвои МАНУ содржи неточни и неприфатливи позиции, кои им штетат на односите меѓу двете соседни земји.

– На 3 декември 2019 година Собранието на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) усвои „Повелба за македонскиот јазик”. Во неа се конструирани историски и јазични аргументи за заштита на официјалниот книжевен јазик во Република Северна Македонија како посебен самостоен јазик со континуитет и генеалогија, кој во Скопје е наречен „македонски”, се наведува во реакцијата на БАН.

Бугарската академија посочува дека документот предизвикал „многу сериозни научни забелешки”, поради што бил разгледан од страна на раководството на БАН, откако по него се произнеле и Институтот за бугарски јазик, Кирило-методиевскиот научен центар и Институтот за историски истражувања при Академијата.

Претседателот на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, во изјава за Дојче веле наведува дека не е изненаден од ваквиот став на БАН.

– Не гледам ништо ново. Тоа е генералниот став на сите лингвисти во Бугарија. Но, ова ги доведува во апсурдна ситуација и односите меѓу двете земји, а секако и работата на заедничката Комисија, додава историчарот Ѓоргиев.

Треба да знаете
Последни објави