Search

Супербабичка ја победи астмата во Гарниково, кафето го пие со дедо Господ

Супербабичка ја победи астмата во Гарниково, кафето го пие со дедо Господ

Има 78 години, а се радува и се смее со возбуда, како дете. Витална е и на снагата и во умот, како да е во најубавите години од животот. Ме пречека гостопримливо, како да ме знае отсекогаш, иако сосема случајно се видовме за прв пат. Станува збор за селска жена, која своевремено заедно со сопругот ги продале овците и заминале во подобар живот во градот, во време кога детето требало да им се школува. Ненавикната во градска средина, таму добила астма и кога детето им израснало во маж и се оженило, решиле да се вратат на село и таму да си продолжат со живејачката, одгледувајќи стадо кози. Жали што пред година и пол го изгубила животниот сопатник, но вели дека животот продолжува.

-Родена сум во Драгожел, мажена во Гарниково. На времето имавме двесте овци. Бев права, здрава. Кога ги продадовме и отидовме да живееме долу во градот, добив астма. Се снеарнив и разнеможив. Застра-вечер, угу одев на лекар и инекции ми ставаа. Тие што ме среќаваа, ми велеа, ее, мори жено, греота е веќе да се врвиш угу на лекар. Отидов кај многу доктори. Еден од нив, ми рече, ако ја издржиш оваа инекција, добро ќе биде. Сум се изгубила од неа. Ме свестувале некое време, јас не знам што точно правеле, бидејќи не се сеќавам на ништо. Едно време, се свестив. Можеби вам ќе ви звучи како лага, но тоа е вистина, докторот ме донесе дури до дома со неговата кола. Поседи малку за да се увери како ми е и му вика на мажот ми, дедо, досега била тука. Ако можиш, заведи ја на чист воздух. Ако сакаш да преживее. Ако не, нема да ти ја биде бабата. Детето веќе беше женето и со свое семејство и ние пак назад во селото се вративме, ми раскажа Фидана Маркова, мојата нова пријателка.

Во Гарниково ја изгубила астмата и таа верува дека тоа се должи на чистиот воздух. Здравјето ѝ се вратило, како пред да замине во градот.

-Оттогаш, фала му на бога, веќе на лекар не сум била. Си ја излечив тука астмата. Сега тука повторно сум добра со здравјето. На лекар не сум била, само еднаш паднав во долот, се развалкав додека бев со козите, едно премреже поминав. Кичмата малку ја напукнав. Полежав еден месец и пак им се вратив на козите. Докторите се чудеа како тоа толку брзо оздравев, откри таа.

Кафето го пие со дедо Господ

Порано селото имало многу повеќе луѓе, семејствата биле главно многудетни. Сега само во три куќи чади оџакот. Таму сега живеат тетка Фидана, две сточарски семејства од кои двајца браќа и една брачна двојка. Ја прашав нели ѝ е досадно по малку и дали пие кафе и со кого.

-Не ми е досадно сама. Разонода имам тука, се грижам за трите кози и двете јариња,  кокошките и свињата. А кафето, со дедо Господ го пијам. Со него напред одам, ми рече.

Тоа пак беше повод за ново прашање, дали можеби склучила договор со Бога, околу тоа колку ќе живее. Родителите не ѝ биле долговечни, но јас ѝ посакав таа да има долга и мирна старост.

-Дедо Господ ме чува. Ќе ми потпише тој, имам со него договор да живеам што е можно повеќе, па зошто да не и до стотка. Кога седнувам на масата, му велам, ајде, бре дедо, ајде да вечераме, разврза муабет тетка Фидана.

А кога е јадењето во прашање, се храни со природна и здрава храна, па неизбежни беа и коментарите на тоа дека, покрај на активниот живот, се должи нејзината добра здравствена состојба. Или што би рекле некои, права, здрава како дрен. Супербабичка.

-Постојано одам. Да седам дома, ќе бидам болна. Ќе ги истерам козите и јарињата, ќе се разонодам со нив и ќе се вратам. Цело лето, насабајле и навечер, по едно шише млеко од козите угу си пијам. Си јадам урда и сирење од козјо млеко, домашни кокошки и јајца, рече.

За она што ѝ е неопходно од градот, задолжен е нејзиниот син.

Пеш по 12 километри дневно, бере и дрва

Освен што не ѝ е досадно без друштво, не се плаши ниту од диви животни.

-Не ми е страв од мечка, волк, лисица. Од ништо не ми е страв. Ни мечка ни вк ме јаде. Одам во планината, не ме јадат, та тука нема шанси да ме изедат. Одам далеку со козите преку ридот таму, сама одам во планината. Порано со триесетина кози и магарето, сега со овие што ми останаа. Тие се моето друштво, за да не бидам осамена. Кога синот има извадено дозвола за берење дрва, па додека козите пасат, јас знам и да поднаберам некое дрво и да го товарам магаренцето. Околу 12 километри може изодувам секој ден по козји патеки, заедно со козите. Башка по дома што се движам постојано, кажуваше таа, додека насмевката не ѝ се симнуваше од лицето.

Па се смеевме заедно кога ми кажуваше дека синот, снаата и внуките ѝ велеле да не оди многу далеку, да не падне во некој дол кај што нема да можат да ја најдат. А сопругот, кога бил жив, се чудел како тоа сон не ја фаќа, та на полноќ легнувала и во четири веќе била будна и наспана, спремна за новиот ден. Реков дека пак ќе ја посетам во нејзиниот своевиден мал рај во Гарниково, а таа ми порача дека сепак е поубаво да се фали градот, а да се живее на село.

Тетка Фидана е човек кој воодушевува со тоа колку го сака животот. Инспирира. Таква позитивна жена секој би посакал да има за мајка, баба или прабаба. Нејзините најблиски имаат многу што да научат од неа за животот. До некое наредно доаѓање, таа знае да им сплете елечиња од волна на внуките, чорапи и калци на правнуците. Без наочари.

Треба да знаете
Последни објави