Search

Судска забрана за демонстрации на аеродромот во Хонг Конг

По вчерашните судири меѓу полицијата и демонстрантите, аеродромските власти во Хонг Конг денеска соопштија дека добиле судски налог со кој се забрануваат демонстрации што го попречуваат нормалното работење на аеродромот.

Кинеската канцеларија за работите на Хонг Конг денеска како „терористички акти” ги осуди случувањата на меѓународниот аеродром во Хонг Конг, вклучувајќи го и вчерашниот инцидент во кој демонстрантите нападнаа репортер на кинески медиум, пренесе агенцијата Кјодо.

Откако повеќедневните протести го нарушија работењето на аеродромот и потоа доведоа до принудно откажување на стотици летови, аеродромот денеска се враќа во нормала, иако повеќе од 100 летови повторно се откажани, се наведува на официјалната веб страница на аеродромот.

Аеродромската управа соопшти дека добила привремена забрана за „ ограничувања за лицата од противзаконско и намерно попречување или попречување за правилно користење на аеродормот”, и од „присуство или учество во било какви демонстрации или протести на аеродромот”, освен во одредени подрачја.

Откако беше објавена судската забрана во аеродромската зграда се распоредени полицајци, а персоналот на аеродромот го запираше влегувањето на сите лица освен на патниците и овластениот персонал, пренесуваат локалните медиуми.

Извршниот директор на аеродромот Фред Лам изјави дека демонстрации се дозволени само на одредени места и тоа со претходно одобрение.

-Но, немаме намера во блиска иднина да одобриме било какви демонстрации, рече Лам.

Треба да знаете
Последни објави