Search

Судир меѓу мигрантите и полицијата во Велика Кладуша, 20 уапсени, неколкумина повредени

Најмалку 20 лица се уапсени, а неколку од нив се повредени денеска во судирите што избувнаа во прифатилиштето за мигранти во Велика Кладуша.

– Во судирите се нападнати и полицајци, соопштија властите на Унско-санската жупанија во Босна и Херцеговина и полицијата.

Како што пренесуваат локалните медиуми, во прифатниот центар дошло до тепачка во која учествувале најмалку стотина мигранти.

Обезбедувањето задолжено за заштита на тој објект не можело да ги совлада насилниците и повикале полиција, која исто така била нападната со камења, шишиња и метални шипки.

Полицајците добиле засилување од Велика Кладуша и од Бихаќ, по што насилството е спречено.

– Во нападот се повредени поголем број мигранти и тројца полициски службеници. Оштетено е едно полициско возило, изјави портпаролот на полицијата Але Шиљдедиќ.

Членовите на Службата за работа со странци во БиХ донесоа одлука шестмина од уапсените насилници да бидат изолирани и депортирани од БиХ.

Шиљдедиќ предупреди дека состојбата меѓу мигрантите и натаму е напната и дека не може да се исклучи можноста од нови инциденти.

Во прифатниот центар „Мирал” минатиот викенд избувна пожар во кој изгоре еден од сместувачките објекти, а инвентарот беше целосно уништен.

На подрачјето на Велика Кладуша и Бихаќ престојуваат најголем број од мигрантите кои пристигнуваат во БиХ.

Според безбедносните агенции, во земјата од почетокот на годината влегле повеќе од 7.000 мигранти.

Треба да знаете
Последни објави