Search

Судење „27 април“: Трајковски влегол во Собранието од радозналост

На денешното рочиште за предметот „27 април” на СЈО, повторно се даваа завршни зборови од дел од адвокатите на обвинетите во процесот.

Обвинетиот Влатко Трајковски на 27 април 2017 година не влегол во Собранието да изврши тероризам, туку поради радозналост, рече адвокатката Билјана Стојановиќ во завршните зборови на денешното судско рочиште за „крвавиот четврток”.

Според неа, за невиноста на Трајковски говореле и сведоците, а еден од нив посочил и дека помагал на една повредена пратеничка во нејзиното извлекување од Собранието.

Адвокатката Стојановиќ рече дека Трајковски бил бранител од 2001 година и поради тоа имал депресивно растројство, при што не можел да ги контролира своите емоции и во Собранието со ПП апарат ги испрскал неколку пратеници, свесен дека со тоа нема да ги повреди.

Таа од Судот побара ослободиделна пресуда за Трајковски, бидејќи, според неа, доказите на обвинителството не покажале дека тој го сторил кривичното дело.

Адвокатот на обвинетиот Вилијам Михајловски, Нинослав Јакимоски рече дека Вилијам е обвинет само за шетање низ Собранието. Според него, и снимките покажале дека тој не носи фантомка бидејќи немал потреба да се крие затоа што немал намера за никакво кривично дело.

И адвокатката на обвинетиот Никола Митревски – Кољо, Маја Дојчиновска пред Судот истакна дека тој во Собранието влегол без фантомка и оти не превземал никакви дејствија. Кољо не повредил никого, туку само во самоодбрана возвраќал удар кога сведокот Сашо Тасески, кој го нападнал. Дојчиновска, исто така побара ослободителна пресуда за Кољо.

По изнесување завршни зборови од адвокатите на сите 17 обвинети во овој случај, можност да дадат завршни зборови ќе имаат и самите обвинети.

Судскиот процес почна во август минатата година и го води Добрила Кацарска, а застапник на обвинението е Вилма Русковска. Процесот започна против 33 обвинети, но согласно Законот за амнестија помилувани беа вкупно 15 лица.

На обвинителна клупа останаа Митко Чавков, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви, Митко Пешов, Оливер Поповски, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Оливер Радулов, Игор Дурловски, Јане Ченто, Игор Југ, Александар Василевски-Нинџа, Никола Митревски-Кољо, Младен Додевски, Горанче Ангеловски, Влатко Трајковски и Вилијам Михајловски, кои се товарат дека сториле кривично дело терористичко загрозување на уставниот поредок.

Треба да знаете
Последни објави